Унгарија ја призна Македонија под уставното име

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, денес упати писмо до неговиот колега, министерот за надворешни работи на Унгарија Јанош Мартоњи, во кое се поздравува најновата одлука на Унгарија да ја потврди досегашната пракса на обраќање кон Република Македонија со нејзиното уставно име. Во писмото меѓу другото министерот Попоски нагласува дека Република Македонија високо ја цени отворената и гласна поддршка што ја дава Унгарија кон нашата земја од осамостојувањето. Особено се поздравува поддршката во рамките на Европската унија, каде Унгарија е гласен поддржувач за што поскоро започнување на преговорите за членство на Република Македонија. Како што велат од министерството за надворешни работи, најновата одлука претставува уште еден доказ за исклучително добрите односи и пријателство помеѓу Република Македонија и Унгарија.