Поедноставно добивање дозволи и лиценци од Министерството за транспорт

Превозниците од 1 јануари идната година на поедноставен начин ќе можат да ги добијат сите барани дозволи и лиценци од Министерството за транспорт и врски.

Тоа го овозможува Меморнадумот за соработка што денеска го потпишаа министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Централниот регистар Ванчо Костадиновски.  Со него се овозможува од 1 јануари Министерството по електронски пат да добива тековна состојба и скратен финансов извештај од Централниот регистар, документи кои претходно превозниците можеа да ги добијат единствено во просториите на Централниот регистар.

„Од 1 април наредната година ќе ги добиваме и билансот на успех, потврдата за неосудуваност и потврда дека не е изречена забрана за вршење на дејност кои се неопходни за добивање лиценци и дозволи. За овие документи сега превозниците треба да одат во Централниот регистар, да ги подигнат оттаму, а потоа да ги донесат во Министерството“, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по потпишувањето на Мерморандумот.

Целта на денеска потпишаниот Меморандум и на претходоно потпишаните меморандуми со Министерството за труд и социјална политика,  Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, нагласи, е да се скратат бирократсктие процедури и да се овозможи добивање документи само со поднесување барање во Министерството за транспорт и врски, кое потоа по електронски пат ќе ги набави сите неопходни документи од иституциите за добивање на бараниот документ.

„Останатиот сет на документи ќе го добиваме од 1 април бидејќи со потпишувањето на Меморандумот започнува ново софтверско решение кое ќе биде специјално  дизајнирано за Министерството за транспорт и врски. Со него покрај за превозниците ќе се олесни и постапката за компаниите кои во Министерството поднесуваат документи за лиценци за градење, лиценци во делот на урбанизмот и во делот на вршење на проценки“, рече Јанакиески.

Ова, додаде, значи продолжување со трендот на реформирање на секторот со цел зголемување на ефикасноста во постапката на лиценцирање на транспортните компании и добивање на одобрение за вршење на превоз на опасни материи, како и во постапките за добивање на лиценци од областа на градењето.

Директорот на Централниот регистар рече дека со Меморандумот се овозможува воспоставување на едношалтерски систем во делот на издавање документи и потврди кои се потребни за одредени постапки пред Министерството за транспорт и врски.

„Тоа значи дека поднесителите на барања пред Министерството за транспорт и врски нема да се појавуваат физички во просториите на Централниот регистар, туку Министерството по претходно воспоставен специјален сервис по електронски пат ќе ги добива на увид неопходните потврди  и документи. Тоа индиректно ќе значи намалување на трошоците на подносителите на барањата кои се прават заради шетање од шалтер на шалтер иако цената за добивање на документите ќе остане иста како и досега“, рече Костадиновски.