Потпишан Меморандум за македонско-француска програма за заштита и промоција на културното наследство на РМ

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и в.д. амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Жан-Лик Форе-Турнер, денеска во Министерството за култура потпишаа Меморандум за соработка кој се однесува на македонско–француската програма за заштита и промоција на културното  наследство на РМ за периодот 2013-2015. Во рамките на оваа соработка, во наредниот период фокусот ќе биде ставен на реставрацијата и ревитализацијата на објектите од старата градска архитектура.

На средбата министерката за култура изрази задоволство од досегашната успешна 14 годишна соработка и партнерство со француската Национална асоцијација на градови и региони, која резултира со низа реализирани  проекти.

„Во изминатиот период се реализираа  голем број на проекти, почнувајќи од научни сознанија до сигналитика, од инвентаризација на куќите во старите градски јадра до легислатива и прописи прилагодени на историските квартови, од изложби за културен туризам, размена на експерти и советници во градовите до размена на искуства на европско и светско ниво“, истакна Канческа-Милевска.

Францускиот вршител на должноста  амбасадор Форе-Турнер информираше дека со поддршка на француските експерти во наредниот период ќе се интензивира реставрацијата и ревитализацијата на објектите од старата градска архитектура. Воедно преку оваа програма ќе  продолжи и инвентаризацијата на објектите во Скопје, Битола, Штип, Охрид, Велес, Крушево и другите градови низ Републиката со цел, утврдување на нивната состојба и идно планирање.

Во рамките на Програмата за заштита и промоција на културното  наследство на РМ, во Старата скопска чаршија, и во Битола ќе се работи на еден пилот-проект за реставрација на еден објект кој ќе биде модел како треба да се реставрираат градбите, според сите светски стандарди. Овој објект ќе биде информативен пунк за чаршијата и место на кое ќе се реализираат атрактивни изложби но, истиот ќе има и трајни поставки кои ќе бидат презентирани според  најновите технологии.

Националната асоцијација на градови и региони во чија мрежа, по строги стандарди работат 200 градови во Франција ќе изготви и посебна меѓународна веб-страница, која ќе им овозможи на градовите партнери да се претстават, да се информираат,  да разменуваат искуства и да ја интензивираат соработката преку заеднички проекти.

Македонско–француската програма за заштита и промоција на културното  наследство на РМ започна да се спроведува во 1999 година во партнерска соработка со градот Скопје, а потоа  и со Битола и  Велес како седиште на македонската Асоцијација на градови со архитектонско културно наследство.