Седум децении од смртта на Никола Тесла

Никола Тесла е најпознат по своите револуционерни откритија во областа на електро-магнетизмот кон крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век. Патентите на Тесла и неговата теоретска работа стануваат основа за формирањето на целокупниот систем на наизменичната струја, вклучувајќи го и конструирањето на полифазните (трофазните) системи, како и на индукциониот мотор, со кој се претвора во предводник на Втората индустриска револуција.

Покрај неговата работа во областа на електро-магнетизмот и инженерството, генераторите, Тесла остава свој печат и во областа на роботиката, конструирањето на далечинскиот управувач и радарот, како и во развивањето на компјутерската наука, балистиката, нуклеарната и теоретската физика. Во 1943 година, Врховниот Суд на САД го прогласи Тесла за единствен пронаоѓач на радиото.

Голем дел од неговата најрана работа ќе стане основа за модерното инженерство, а многу од неговите откритија се од непроценлива важност за развитокот на модерната цивилизација. Славата на Тесла била споредлива само со онаа на најголемите научници во историјата или ѕвездите на популарната култура, но како резултат на неговиот ексцентричен карактер и неверојатни, понекогаш и фантастични тврдења за можни научни и технолошки откритија, Тесла на крајот завршува исмеан и обележан како луд научник. Никогаш не грижејќи се за пари, Тесла умира осиромашен и заборавен на возраст од 86 години. Починал на Божик, 7-ми јануари 1943 година, а закопан е на гробиштата во Њујорк.

Единицата во СИ системот за густина на магнетен флукс или магнетна индукција, во негова чест е наречена Тесла во Париз во 1960 година.

Иако бил номиниран за Нобелова награда, никогаш не го добил ова големо признание.

Во хотелот „Њујоркер“ во кој Никола Тесла ги поминал последните 10 години од неговиот живот, овој викенд е одржана „Тесла-меморијална конференција“, со која се одбележани 70 години од неговата смрт. Меѓу учесниците на конференцијата бил и Метју Инмен, блогер и стрип автор кој помогнал во рекорден рок да се соберат 1,3 милиони долари за откуп на лабораториите на Тесла, во Вандерклиф на Лонг Ајленд, кои би требало да се претворат во научен центар.

Тесла претставува инспирација за многу иноватори, писатели, дури и филмски уметници. За него се напишани многу книги. Моментално се спрема и филм, наречен „Тесла, господар на светот“.