Со 13,37 милиони евра ќе се поддржат малите и средните претпријатија

Владата на Република Македонија преку Министерството за економија годинава со 13,37 милиони денари ќе ги поддржува малите и средните претпријатија.

Преку Програмата за поддршка на малите и средните претпријатија ќе се зајакнува нивната конкурентност, претприемништво и иновации, а за тоа се предвидени за 50 отсто повеќе средства од лани кога за таа намена беа одвоени 8,5 милиони денари.

„Новата Програма за поддршка на малите и средните претријатија ја усвои Владата на последата седница и со неа е предвидена директна поддршка на вкупно 15 мерки. Прв пат се предвидува со 500.000 денари да се поддржат компаниите кои планираат да воведат ХАЛАЛ систем, а средствата ќе бидат наменети за да се обезбеди техничка помош и консултантски услуги“, рече министерот за екомонија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.

Доколку се оцени дека има поголем интерес за имплементација на ХАЛАЛ системот, додаде, може да се направи пренамена на стредства од некоја друга група, бидејќи само седум компании досега го имаат воведено овој систем во Македонија.

„За прв пат се планирани и финасиски средства за организирање бизнис натпревар „Bиди перспективен, започни свој бизнис“ со кој планираме да ги мотивираме студентите да аплицираат со свои бизнис идеи“, истакна Сарачини.

Средствата од Програмата, нагласи, ќе се користат и за финансиска поддршка на бизнис инкубаторите, бизнис центрите, проектите за промоција на занаетчиството, ХАСАП системот, за надомесување на дел од трошоците за воведување ИСО стандарди, за промоција на бизнис ангелите, за финасиска поддршка на женското претприемништво и на автентични занаети, како и за надоместување на дел од трошоците за развој на нови производи или за подобрување на постојниот производ, за воведување еколошка ознака на производ, за развој на пазар, за поддршка на патенти и за поддршка на проекти од кластерските здруженија.

„Критериумите за доделување средства за сите 15 мерки, од 14 јануари ќe можат да се видaт на веб-страницата на Министерството за економија, а кон средината на месецов во соработка со УСАИД официјално ќе биде промовирана и новата веб-страница на која на едно место ќе може да се најдат сите програми за подобрување на конкурентноста на претпријатијата“, посочи Сарачини.