Објавен списокот за футсал контролките против Ерменија

Селекторот на Македонската футсал репрезентација, Васко Скендеровски, го објави списокот на фудбалери за двата пријателски натпревари на нашата селекција против футсал репрезентацијата на Ерменија. Првиот натпревар ќе се одигра во Неготино на 17. јануари во 18.00 часот. Во Скопје, на 18. јануари во 18.00 часот во спортскиот центар “Форца“, Македонија и Ерменија ќе ја одиграат втората контролна пресметка.

Двете пресметки на Македонската футсал репрезентација против Ерменија се контролни пред мартовските квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство 2014 година во Белгија. Во евро-квалификациите, Македонија е во група со Шпанија, Европскиот првак и финалист на последното Светско првенство, Хрватска, четвртопласирана на последниот евро-шампионат и репрезентација која ќе ја мине предквалификациската група (Израел, Андора, Естонија или Шведска).

„Официјално ги започнуваме подготовките за квалификациските натпревари во март, пресметки против Шпанија и Хрватска кои ќе бидат вистински предизвик за сите во тимот, но сега сме фокусирани на Ерменија.  Вистински тест во право време за нашата репрезентација. Ерменците ќе бидат дел од предквалификациите за пласман на Европското првенство и веројатно со најсилен состав и во полна натпреварувачка форма ќе се обидат да обезбедат позитивен резултат. На двата натпревари против Ерменија, во нашиот состав шанса ќе добијат неколкумина млади фудбалери . Се надевам дека на вистински начин ќе ја искористат и ќе го заслужат местото во селекцијата. Иако натпреварите се пријателски и резултатот не е императив, пристапот ќе ни биде сериозен. Се надевам дека ќе извлечеме многу позитивни работи од двомечот со Ерменија“, изјави селекторот на нашата репрезентација, Васко Скендеровски.

На дуелот во Неготино, својот 100-ти, јубилеен натпревар во дресот на Македонската репрезентација ќе го одигра Бранислав Љубомир.

Голмани:

Мирослав Тодоровски (Железарец)

Горан Пандилов (Скопје 2011)

Илчо Удовалиев (Железарец)

Одбрана:

Зоран Левески (Железарец)

Орхан Ибиши (Јувентус)

Ферид Агуши (Железарец)

Саше Димов (Скопје 2011)

Александар Глигоров (Железарец)

Драган Петровиќ (Скопје 2011)

Напад:

Мартин Тодоровски (Железарец)

Алтим Салиху (Сее Универзитет)

Дарко Ранготов (Железарец)

Никола Јовановски (Биџо)

Вадан Станоев (Црна река)

Хасан Билали (Ројал Илирет)

Оливер Јовановски (Железарец)

Адријан Мицевски (Железарец)

 

извор: ФФМ