Објавен распоредот за втората полусезона во БИБЛ

Двајцата македонски претставници ги продолжуваат натпреварите во балканското друштво, но во различни групи. Куманово ќе разигрува за титулата во Топ Шест, додека Кожув ќе одигра уште четири натпревари во таканаречениот плејаут.

Први почнуваат натпреварите во Топ Шест, а екипата на Куманово првиот натпревар ќе го одигра на 22 јануари, кога ќе гостува во Тиват (Црна Гора) на Теодо. Избраниците на Љубислав Луковиќ ќе гостуваат и на втората средба закажана за 12 февруари, кога ќе ги одмерат силите со Рилски Спортист, за веднаш потоа повторно да се сретнат со Рилски, овој пат на домашен терен, на 13 март. Интересно е што Куманово, според објавениот распоред, најпрво ќе го игра тој меч кој е дел од четвртото коло, за потоа, на 20 март да го одигра и натпреварот од третото коло против Кавала пред своите навивачи. Топ Шест фазата, кумановци ја затвораат со натпреварите против Теодо на домашен терен на 27 март и Кавала на гости на 4 април.

Поради досегашните резултати против двете екипи кои беа во првата група со Куманово и кои исто така обезбедија место во Топ Шест, македонскиот претставник во оваа втора фаза пренесува шест бода, по двете победи и двата порази против Левски и Галил. Исто толку, по шест бодови, пренесуваат и сите останати екипи. По одигрувањето на шесте кола, првопласираните четири екипи одат на Фајнл Фор турнирот.

Распоред на натпревари во Топ Шест:

 1.коло (22.01.2013)     Теодо – Куманово

 2.коло (12.02.2013)     Рилски Спортист – Куманово

 3.коло (20.03.2013)     Куманово – Кавала

 4.коло (13.03.2013)     Куманово – Рилски Спортист

 5.коло (27.03.2013)     Куманово – Теодо

 6.коло (04.04.2013)     Кавала – Куманово

Што се однесува до последните четири екипи, односно групата каде со своите настапи продолжува Кожув, првите натпревари се закажани на 29 јануари. Македонскиот претставник ќе одигра вкупно четири средби, односно по две против двата противници со кои не беше во иста група во првиот дел од сезоната. На првата средба, избраниците на Марјан Србиновски ќе го пречекаат Морнар, додека во вториот дуел, закажан за 20 февруари, ќе гостуваат во Славонски Брод на Ѓуро Ѓаковиќ. Возвратните дуели, односно реваншите, Кожув ќе ги игра на 19 март и 2 април. По тие натпревари, Кожув ја завршува дебитантската меѓународна сезона.

Поради двете победи над ОКК Београд во првиот дел, Кожув пренесува максимални четири бодови, исто колку што има и Ѓуро Ѓаковиќ. Останатите две екипи влегуваат во оваа фаза со по два бода.

Распоред на натпревари во Последни Четири:

 1.коло (29.01.2013)     Кожув – Морнар

 2.коло (19.02.2013)     Ѓуро Ѓаковиќ – Кожув

 3.коло (19.03.2013)     Морнар – Кожув

 4.коло (02.04.2013)     Кожув – Ѓуро Ѓаковиќ

извор: МКФ