Македонија 1:1 Ерменија

Македонската футсал репрезентација одигра 1-1 против Ерменија во првиот контролен натпревар меѓу двете селекции. Во Неготино, нашата репрезентација одигра одличен натпревар, играчите предводени од селекторот Васко Скендеровски доминираа во текот на целиот натпревар, но нерализираните шанси за гол му донесоа позитивен резултат на ерменскиот состав.

Ерменија до водство стигна во петтата минута со погодокот на Сахакјан. Гостите реализираа во единствената своја создадена шанса. Само една минута подоцна, Македонија со голот на Ферид Агуши го израмни резултатот на 1-1. До крајот од натпреварот, нашата селекција не реализираше неколку одлични шанси за втор погодок. Петровиќ погоди пречка, одлични шанси не реализираа и Мицевски и Ранготов.

„Им дадовме шанса за настап во репрезентацијата на неколкумина млади фудбалери, на вториот натпревар против Ерменија во Скопје, исто така ќе настапиме со променет состав. Не сме под резултатски императив и тоа е убава прилика да им дадеме шанса и на младите фудбалери.  Во првиот натпревар против Ерменија имавме и неколку технички грешки, но нашиот тим е во фаза на почетни физички подготовки, во одредени периоди од дуелот имавме “тешки нозе“, на некои начин тоа и го очекувавме. Се надевам на победа на вториот натпревар во Скопје“, изјави селекторот на Македонската футсал репрезентација, Васко Скендеровски.

На дуелот во Неготино, својот 100-ти, јубилеен натпревар во дресот на Македонската репрезентација го одигра Бранислав Љубомир.

Во спортскиот центар “Форца“, вечерва од 18.00 часот, Македонија и Ерменија ќе го одиграат вториот контролен натпревар. Влезот е слободен.

извор: ФФМ