Иванов му го честита вториот мандат на Обама

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до претседателот на САД, Барак Обама, по повод неговата свечена инаугурација и официјален почеток на вториот мандат како претседател на Соединетите Американски Држави.

„Ми претставува oсoбeна чест и големо задоволство да Ви ја честитам свечената инаугурација, како и официјалниот почеток на Вашиот втор мандат како претседател на Соединетите Американски Држави. Вашиот реизбор на оваа одговорна функција ја рефлектира вербата на граѓаните на Вашата држава, пред сè во Вас лично, но и во Вашата визија и искрените идеи и заложби за обезбедување на натамошен просперитет и на еднакви можности за сите.

Преку Вашата доследна и темелна посветеност во решавањето на внатрешните и надворешните предизвици, граѓаните на Соединетите Американски Држави, но и светот како целина, добија посветен и искрен пријател, кој има волја и знаење за успешно справување со горливите светски прашања.

Ангажманот на Вашата држава на глобален политичко-безбедносен план е од исклучително значење. Бидете уверени дека Република Македонија останува стабилен и доверлив партнер и пријател на Соединетите Американски Држави, во насока на севкупните заложби за мир и безбедност, слобода и демократски просперитет на сите народи на светот, како и во активностите насочени против тероризмот и сите универзални закани по светскиот мир.

Во периодот што претстои, очекуваме натамошен заеднички ангажман и соработка, насочени кон јакнење на досегашниот квалитетен и плоден политички дијалог меѓу двете држави, како и цврста соработка на мултилатерален план, особено во рамките на НАТО. Ве уверувам дека Република Македонија останува силно посветена на заложбите за полноправно членство во Алијансата.

Во надеж дека наскоро ќе имаме можност за лична средба и размена на мислења по прашањата од заемен интерес, дозволете ми уште еднаш да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување и искрените желби за успех и просперитет на личен и професионален план“. – стои во честитката од претседателот Иванов, упатена до неговиот колега, Обама.