Потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за здравство и Сахара хоспитал груп од Индија

Меморандум за соработка потпишаа синоќа министерот за здравство Никола Тодоров и Амреш Чандра, претставник на Сахара хоспитал груп од Индија, која е дел од конзорциумот „Сахара Индија Паривар“ на индискиот бизнисмен Субрата Рој.

„Со Меморандумот се овозможува македонските лекари специјалисти да бидат испраќани на обука во овој дел од Сахара хоспитал груп од Индија, која располага со модерни болници и на тој начин да овозможиме сериозен трансфер на знаења и искуства од најсовремени медицински центри во кои нашите лекари ќе можат да се стекнат со ваков тип знаења и вештини“, истакна на прес-конференција министерот Тодоров.

 Тој посочи дека во Меморандумот се опфатени сите приоритетни специјалности за кои досега се склучени договори со поголем број болници во Европа и светот.

„Сахара хоспитал груп од Индија прифати да ги покрие сите трошоци за сместување и престој на нашите специјалисти во Индија, а ние се обврзуваме да ги платиме патните трошоци. Очекувам дека со потпишувањето на овој Меморандум и со испраќање на првата група лекари ќе отпочне и оваа одлична соработка“, додаде министерот Тодоров.

Претставникот на Сахара хоспитал груп од Индија, Амреш Чандра рече дека здравството е еден од сегментите во кои се надеваат дека ќе се воспостави добра соработка во иднина.

„Со овој Меморандум за соработка почнуваме размена на професионалните лекари кои ќе работат во делот на здравството во структурата на Сахара и во голем број оддели и при тоа очекуваме соработка во голем дел медицински области“, истакна Чандра.

Групацијата Сахара, потенцира тој, обезбедува медицински услуги на сите нивоа на здравството, на примарно, секундарно и терцијарно, при тоа имајќи објекти во сите градови кои имаат повеќе од 200 илјади жители.

„Со склучување на овој Меморандум очекуваме дека ваквата соработка ќе излезе надвор од границите од она што Сахара го обезбедува како услуга во Индија, се разбира и тука во Македонија“, нагласи Чандра.

Тој  додаде дека соработката ќе претставува пренесување на целото искуство на нивните стручњаци кон македонските лекари во сегменти каде треба надградба и каде што сметаат дека е потребно дообучување.