Повеќе знаење – поголема безбедност во сообраќајот

“Наша примарна цел не е да казнуваме или да креираме пречки за вклучување на нови возачи во сообраќајот, туку да придонесеме за нивна поголема подготвеност кога со возилата ќе излезат на улиците, што во крајна инстанца резултира со поголема лична безбедност, но и поголема безбедност на останатите учесници во сообраќајот“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната презентација на новата апликација со симулаторот на тестот за електронско полагање за возачка дозвола наменета за т.н. паметни телефони што се одржа во Автомото сојузот на Македонија.

Нагласувајќи ја досегашната извонредна соработка меѓу МВР и АМСМ особенои во поглед на зголемувањето на степенот на безбедност во сообраќајот, министерката Јанкулоска посочи дека новиот модел на електронско полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит кој стартуваше со практична примена на 01.11. минатата година сосема сигурно ќе го подигне нивото на знаење на идните учесници во сообраќајот а со самото тоа и нивото на безбедност.

Притоа Јанкулоска го презентираше податокот дека од воведувањето на овој метод на полагање на теоретскиот дел на возачкиот испит заклучно со 22.01 годинава во осумте испитни центри во земјава процентот на положени кандидати се движи од 31 до 68 отсто или како средна вредност – 48 отсто положени кадидати од досега пријавените, што пак во споредба со истиот период од 2011/2012 кога се полагаше со стариот систем на тестови за теоретскиот испит и кога процентот на положени кандидати се движееше од 75 до 85 проценти, покажува зголемена ригорозност но и потреба од реално знаење на идните возачи.

Според Јанкулоска освен зголемениот број на прашања и елиминирањето на можностите за учење на комбинациите напамет, веројатно удел во ваквите резултати има и засилениот надзор над работата на испитните центри кој го вршат службени лица од МВР со персонални компјутери, задолжени да обезбедат непреченото одвивање на електронските испити, да ги прегледуваат видео записите од одвивањето на тестовите за секој кандидат поединечно. Со тоа е овозможено надзорната функција над работата на испитните центри да се одвива и од далечина и во реално време.

Министерката Јанкулоска најави дека МВР во соработка со АМСМ во континуитет ќе го зголемува фундусот и бројот на испитни комбинаиции за уште 400 нови прашања во сите категории, при што и тие како и досегашните ќе бидат објавени на веб страницата на МВР по категории за да послужат како база за учење.

“Дека нам ни е приоритет знаењето на идните возачи потврдува и фактот што изминатиов период, колеги од Министерството работеа на Прирачник за полагање на возачкиот испит, кој е во постапка за објавување, и претставува литература која на кандидатите за возачи ќе им користи во подготовките за полагањето на испитот“, потенцираше министерката Јанкулоска.