Рударите кои беа исчезнати, денес се пронајдени мртви

Четворица рудари кои исчезнаа при експлозија на метан во рудник за јаглен во рускиот регион Кемерево, денес се пронајдени мртви во едно окно од рудникот, со што бројот на загинати од несреќата сега изнесува 8.

„Четворицата рудари чија судбина до денес не беше позната пронајдени се без знаци на живот во рудникот“. – изјавија од регионалното министерство за вонредни работи, додавајќи дека нивните тела ќе бидат извадени во текот на денешниот ден.

Експлозијата во рудникот број 7 во рударскиот басен Кузбаш се случи на 20 јануари.

Загинатите рудари во моментот на експлозијата вршеле инспекција во рудникот каде производството било прекинато по рушење на еден ѕид минатиот месец кога еден рудар го изгуби животот.

Басенот Кузбаш во западен Сибир претставува најголем рударски басен во Русија.

Несреќите во руските рудници се релативно чести поради застарената инфраструктура.