ВМРО-ДПМНЕ го повикува Петрески да престане да си игра со Охрид

На денешната прес-конференција, општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, го обвини актуелниот градоначалник Александар Петрески дека со повеќе чинови го уништува градот Охрид.

„Александар Петрески дефинитивно станува уништувач на Охрид. На помалку од два месеци од неговото заминување од функцијата градоначалник, Петрески влегува во уште една од многуте чинови за уништување на Охрид и чин од кој сака да оствари уште една од многуте коруптивни и криминални дејствија врз Охрид, а со цел остварување лична корист.

Петрески се дрзна на два месеци пред заминување да распише тендер за стопанисување со паркинг простори на улиците на Охрид. Тоталното отсуство на знаење на Петрески и неговите тнр.експерти за сообраќај. Со овој чин го загрозуваат одвивањето на сообраќајот по улиците на Охрид претворајќи го во паркинг места, а од друга страна создаваат проблеми на жителите кои имаат свои домови на овие улици и кои ќе останат без пристап за сопствените возила.

Ова се должи на криминалната политика на Петрески за градење на згради без сообраќајни и паркинг решенија, но и на криминалната политика на Петрески за остварување лична добивка од издавање на паркинг простор. Издавањето на паркинзите доведе до големи проблеми низ градот, до отпор на туристите и до криминални потфати од типот на незаконско зголемување на цените и дивјачко однесување на концесионерите кон граѓаните, туристите па и кон новинари. 

Го повикуваме Петрески да престане да си игра со Охрид и кога веќе конечно заминува да не прави штета на иднината на Охрид.  Петрески си измислува хајки но вистината е дека Петрески 8 години вршеше хајка врз Охрид. Му порачуваме да си оди без нанесување штета врз градот.

Воедно јавно ја повикуваме Антикорупциската Комисија да реагира на ваквото распишување на тендер од аспект на периодот во кој тој се распишува.

ВМРО ДПМНЕ после локалните избори управувањето со Охрид ќе го конципира на транспарентен начин и на начин од кој корист ќе имаат Јавните претпријатија и со тоа граѓаните на Охрид, а не поединци и мали групи“. – истакнаа на денешниот прес од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.