Компјутерски вирус кој се обидува да наплати казна од 100 евра

Германската полиција ги предупреди корисниците на интернет за појава на компјутерски вирус кој ги обвинува жртвите за гледање на детска порнографија и се обидува да им наплати казна од 100 евра.

Вирусот, на екранот од заразениот компјутер прикажува известување во кое се тврди дека на тој компјутер е гледана детска порнографија и дека има пиратски содржини. Потоа Windows-от се блокира, а може да се отклучи само ако сопственикот плати казна од 100 евра.

Вирусот е направен да изгледа како германската служба за наплата на авторски права и како националната агенција за компјутерска безбедност.

Федералното полициско одделение за борба против криминал, вели дека се работи за „дигитална изнуда“ и дека жртвите не треба да платат, под никакви услови. Препорачуваат корисниците да ги активираат своите антивирусни програми и редовно да ги надградуваат.

Експертите за компјутерска безбедност велат дека ова е прв пат што некој се обидел на ваков начин да проба да изнуди пари од корисниците на интернет. Претходно имало некои слични обиди на изнуда за наводно користење пиратски филмови и музика.