Жена се обидела да запали трафостаница

СВР Велес поднесе кривична пријава против М.П (46) од  Башино село – велешко, поради основи за сомнение дека сторилa кривично дело „предизвикување општа опасност“. На ден 28.01.2013 година, пријавената незадоволна од нерешениот спор со ЕВН, во знак на револт купила едно литро бензин и го попрскала ѕидот на трафостаницата лоцирана во Башино село, по што со запалка предизвикала пожар. По кратко време пожарот бил локализиран без да предизвика оштетувања на трафостаницата. Инаку, и во изминатите години како резултат на овој спор со ЕВН, каде наводно и биле натпишани повеќе киловат часови, од страна на пријавената, во два наврати има предизвикано оштетување на јавните инсталации на ЕВН, а за кои инкриминирани активности од страна на СВР Велес и се поднесени кривични пријави.