Владата ќе покрива половина од трошоците за отворање бизниси во руралните средини

Стратешка определба на Владата на Република Македонија е отворањето на нови работни места и овозможување на поволни услови за отворање и развивање на бизниси, развој на претприемачкиот дух и приватната иницијатива. Исто така, сериозно внимание се обрнува на политиката на рурален развој и економско закрепнување и засилување на македонските села.

Комбинирајќи ги овие две стратешки определби и во исто време остварувајќи ги целите кои се предвидени, Владата димензионираше и подготви посебна програма која нуди значајна финансиска поддршка за отворањето и развојот на приватни бизниси и вработувања во руралните средини.

Програмата предвидува државата да дава финансиска поддршка во висина од 50% од трошоците кои се потребни за отворањето и развојот на нов бизнис. Програмата значи давање на финансиска поддршка на отворањето на било каков бизнис од страна на граѓаните, од најмалите како автомеханичари, автоперални, фризерски салони, занаетчии и слично, до преработувачки капацитети и погони за производство на малите и средни претпријатија.

Досега оваа мерка за 50% поддршка важеше само за набавка на земјоделска механизација. Од оваа година Владата одлучи да ја прошири оваа мерка и со неа да ги опфати и услужните дејности и сектори, значи сега нема да има лимит на поддршката во однос на нејзиниот опфат и поврзаност со земјоделството (таа е посебна програма и продолжува да важи) туку полето за отворање на бизнисот е нелимитирачко и може да ја опфати било која стопанска дејност, со исклучок на медицината и фармацијата.

На овој начин, Владата дава сериозна поддршка на развојот на македонските села, на овозможувањето на услови за економска егзистенција на граѓаните кои живеат во селата, на овозможувањето услови лицата да живеат и егзистираат таму, и спречување на одливот на население.

За оваа година за финансиска поддршка преку оваа мерка се одвоени и ќе бидат ангажирани околу 4 милиони евра, што според проценките може да значи дека на овој начин ќе може да се отворат над 1000 мали бизниси и да се реализираат најмалку 1000 вработувања, а може и повеќе вработувања затоа што во рамките на еден бизнис може да бидат предвидени и повеќе вработувања. За финансиската поддршка ќе може да конкурираат сите физички лица, трговци поединци, и мали и средни претпријатија од руралните средини, кои ги опфаќаат сите македонски села и градовите со население под 30000 жители. Во текот на месец март или најдоцна април ќе биде објавен јавен повик за аплицирање за овие средства, на кој секој заинтересиран субјект ќе може да достави бизнис план до Агенцијата за рурален развој и поддршка на земјоделието (ИПАРД агенцијата), кој ќе биде разгледан и кога ќе биде прифатен ќе се склучи договор помеѓу корисникот и Агенцијата, и согласно договорот на корисникот ќе му бидат исплатени парите во висина од 50% од вредноста на бизнисот.

Апелираме до сите заинтересирани да ја искористат оваа исклучително битна поддршка, и во овој период од месец, месец и половина создаваме свест да се разбуди приватната иницијатива и претприемачкиот дух, да се направат консултации во рамките на семејствата и да се изготват бизнис плановите за аплицирање за поддршката, и да се искористи оваа можност.

Владата и во идниот период ќе работи на мерки и политики кои значат развој на бизнисот и отворање на нови работни места. Во следниот период ќе излеземе со дополнителни програми од ваков вид кои нудат конкретна финансиска поддршка.