Пораз на Куманово од Рилски Спортист

Не успеаа кумановци да дојдат и до вториот триумф по ред на гостински терен во регионалното натпреварување, откако загубија од Рилски Спортист во Бугарија со 88-75. Избраниците на Љубислав Луковиќ сепак остануваат на делба на врвот на табелата.

Одличен, пред се офанзивен натпревар одигра домашниот состав во Самоков и остави малку шанси македонскиот претставник да се понадева на победа. Веќе докажано квалитетен пред своите навивачи, Рилски го помина речиси целиот натпревар во водство кое постојано го зголемуваше, за на крајот да слави и со високи 13 поени позитива. Комплетната прва петорка на Рилски заврши со двоцифрен број на поени, а меѓу нив, Брекстон Дупре со дабл-дабл од 16 поени и 11 скокови и Бранко Мирковиќ со 21 поен и 6 скокови најмногу се истакнаа.

Куманово на полувремето губеше со достижни седум поени разлика (41-34), но и покрај постојаните обиди на избраниците на Луковиќ со брза игра во напад и агресивна одбрана, Рилски имаше редовна реализација и не дозволи приближување на противникот. Урош Луковиќ беше најистакнат поединец кај Куманово со уште еден дабл-дабл учинок од 26 поени и 14 скокови од кои 7 офанзивни, а единствен со двоцифрен број поени заврши уште Александар Костоски, постигнувајќи 18, меѓу кои 4 тројки од 7 шута. Покрај нив, девет поени реализираше Димчевски, а по шест додадоа Инграм и Микиќ.

Ова е прв пораз на Куманово во Топ Шест фазата, но и покрај него, останува на делба на првото место на табелата со 9 бодови, исто колку што има и Рилски. Денеска се играат останатите два натпревари во кои Кавала и Галил се домаќини на Левски и Теодо. Левски и Кавала имаат бод помалку од македонскиот претставник и имаат шанса да избијат на врвот на табелата доколку слават на денешните натпревари. Во следното коло, закажано за 27 февруари, Куманово ја пречекува Кавала пред своите навивачи.

извор: МКФ