Колумна: Египќаните заслужуваат повеќе

Египќаните се лојални граѓани на Република Македонија и во согласност со Уставот треба да бидат и рамноправни. Спаѓаат во категоријата ранливи етнички заедници, на кои катадневно им се заканува процесот на асимилација. Според принципите на парламентарната демократија, државата, која има намера да влезе во семејството на европските народи, треба да донесе позитивни прописи за да ги заштити.

Египќаните не се правилно и соодветно интегрирани во институциите на системот и не се спомнати во преамбулата на Уставот, што од своја страна дефинитивно носи тешки последици за припадниците на оваа етничка заедница. Конкретно, се пишуваат како Роми само за да добијат стипендија и да го оформат своето образование.

Брзата интеграција на Египќаните во Република Македонија треба да се одвива врз однапред прецизирана законска процедура, процесот би требало да опфати три етапни нивоа. Прво, интеграција на припадниците на овој етникум преку вработување во државните институции, особено на високо образованите Египќани, кои дипломирале на државните универзитети во Македонија, бидејќи досега ниту еден Египќанец не е вработен согласно содржината и духот на Охридскиот рамковен договор, што дефинитивно ја позиционира ова етничка заедница како секундарна или терцијална. Второто ниво треба да опфаќа донесување позитивен акт, кој би ги штител колективните права на етничките заедници кои не се признати во преамбулата на Уставот на Република Македонија; и третото ниво е практикување на начелото на рамноправност и еднаквост како и практикување на принципот на „позитивна дискриминација“ врз припадниците на етникумите кои не се наброени во уставната преамбула.

Длабоко убедени во демократската ориентираност како и ориентираноста и почитувањето на повелбите за малцински права се надеваме дека Владата, претседателот на државата, како и пратениците во Законодавниот дом ќе преземат конкретни чекори, кои дефинитивно би придонеле за зачувување на мултиетничките општества како што е македонското со еднаква интеграција на сите етникуми кои се лојални граѓани и државјани на Република Македонија. Сакаме да ја видиме нашата единствена татковина како заеднички дом на сите нејзини припадници кои Македонија ќе ја чувствуваат  како своја и неотуѓива преку сите механизми кои овозможуваат интеграција во системот. Како лојални граѓани, тие уште еднаш ќе ја демонстрираат својата лојалност кон татковината, Република Македонија, со тоа што масивно ќе излезат на гласање, и ќе го искористат своето гласачко право. Тоа ќе биде една дирекна санкција, кон сите оние, кои досега ги малтретирале, вршеле мобинг на работните места, ги злоупотребувале, ги казнувале на плата, се изживувале и.т.н. Тоа е во контраст со демократскиот дискурс на движење и ориентација на државата. Египќаните, и покрај се, ќе стојат на страната на демократијата, бидејќи Македонија им е се што имаат.

Демир Далип, овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.