Македонската надеж Оливер Двојаковски поканет на Џордан Кампот

Веќе втора година по ред, македонски млад кошаркар ќе учествува на еден од најпрестижните кампови за млади кошаркари во светот. Откако лани Андреј Магдевски доби шанса да работи со најдобрите, оваа година Кампот на Мајкл Џордан достави покана до 16-годишниот младински репрезентативец кој веќе две години игра за Кахасол Севиља, Оливер Двојаковски.

Двојаковски, кој е роден на 26 јануари 1997 година, со своите игри за Кахасол, но и за младинската репрезентација на Македонија, го привлече вниманието на скаутите на најпрестижниот камп во светот, кои доставија понуда тој да учествува на европското издание на Кампот кое ќе се одржи во Барселона од 1 до 3 март годинава. Покана на Кампот, според прецизна селекција од сите земји во Европа, добиваат најталентираните 40 кошаркари кои настапуваат во европските лиги во една одредена генерација, во случајов за млади кошаркари родени 1997 година.

На „Џордан Бренд“ Европскиот Камп, во текот на трите дена, Оливер Двојаковски ќе има можност да работи со некои од најквалитетните тренери за млади кошаркари во светот, директно надгледувани од најдобриот кошаркар на сите времиња, Мајкл Џордан. Покрај на тренинзите, своите квалитети ќе може да ги покаже и на неколкуте натпревари кои ќе ги игра во конкуренција на останатите 39 европски кошаркари од неговата генерација, кои, како и него, се вброени меѓу најталентираните во Европа. По завршувањето на тридневниот камп, стручниот тим ќе ги издвои 10-те најдобри од Европа, кои ќе бидат поканети на завршницата од Џордан Кампот која ќе се одржи во Бруклин, Њујорк на 13 април и каде директно ќе можат да се запознаат со легендарниот НБА кошаркар.

„Пресреќен сум што ми се случува ова“, вели Оливер Двојаковски. „Настап на Џордан Кампот е сон на секој млад кошаркар и со нетрпение чекам да ги запознаам, да поработам со тие луѓе од кои мислам дека можам навистина многу да научам. Ова е само доказ, дека со напорна работа ништо не е невозможно. Добивам ретка шанса и многу сум мотивиран да ја искористам“, дополни младиот кошаркар на Севиља.

Оливер Двојаковски е роден во Берово, а пред да замине за Шпанија, настапуваше за тимовите на Феникс и Јуниор. Минатото лето беше дел од репрезентацијата на Македонија до 16 години на Европското првенство во Романија, каде иако цела година помлад од своите противници, беше еден од најдобрите и највпечатливите високи кошаркарки на турнирот.

извор: МКФ