Хосе Емилио Пачеко, лауреат на 52-те Струшки вечери на поезијата

Одборот на СВП годинава едногласно ја донесе одлуката мексиканскиот поет, романсиер, преведувач и критичар Хосе Емилио Пачеко да биде добитник на „Златниот венец“ на 52-то издание на светски реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ за 2013 година.

„Со доделувањето на наградата „Златен венец“ на СВП за 2013 на Хосе Емилио Пачеко, „Струшките вечери на поезијата“ уште еднаш ја потврдуваат својата висока цел – преку различностите да се зачува духовното единство на светот, и дека поетскиот јазик е единствен, универзален и ги содржи сите говорни јазици на светот“, – истакна претседателот на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Славе Ѓорго Димоски, на соопштувањето на годинашниот лаурет во МАНУ.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека Хосе Емилио Пачеко е еден од најеминентните поети на неговата генерација, а неговото творештво се издвојува со прецизноста на поетскиот јазик, на неговата пасија, на неговата независност.

„Верувам дека присуството на овој автор на годинашното издание на „Струшките вечери на поезијата“ ќе биде провокација за многу љубители на пишаниот збор повторно да ја посетат нашата земја и да станат дел од традиционалното празнување на убавината на поезијата во Република Македонија“, – истакна Канческа-Милевска. 

Хосе Емилио Пачеко е роден во Мексико Сити во 1939 година. Се школувал во родниот град, а подоцна предавал книжевност на многу универзитети во Јужна Америка, САД и во Канада. Член е на Мексиканската академија на јазиците. Пачеко зад себе има петдецениско творештво кое го издигнува во височините, не само на мексиканската литература на која ѝ припаѓаат Борхес и Октавио Паз, туку  и во целокупната хиспаноамериканска, а и светска литература. За своето исклучително поетско творештво многукратно е наградуван, а е лауреат и на големата награда „Сервантес“, која се доделува за исклучителни достигнувања во литературата пишувана на шпански јазик.

Во изминатите пет децении преку 5000 поети, есеисти и критичари ја посетија светската поетска престолнина Струга и Република Македонија и го презентираа своето творештво, а 47 поетски лауреати на 20-от и на 21-от век се здобија со Златниот венец на поезијата, наградата која стана најпривлечен и најпосакуван книжевен симбол на еден поет.