Работата го краси човекот

 Повод за ова мое писмо е вашата анкета „Дали барате работа?“. Во моментот кога ги пишувам овие редови, го забележувам поразителниот факт: од 151 анкетиран само 32 имаат работа!

 Вработувањето е едно од клучните прашања за барем колку- толку среден живот. А за маките да се најде работа дури и Тантал и Сизиф со нивните искушенија поради гневот на боговите се „гола вода“.

 Да се најде работа е вистински макотрпна и долга одисеја од која не е сигурно дека ќе излезеш со позитивен исход.

 Како сè започнува!

 Да го прескокнам делот кога завршуваме одреден степен на образование бидејќи во оваа потрага по работа и не е толку важно (тоа е за една друга анализа). Со диплома во рака, ведар поглед и оптимизам се пријавуваш во Заводот за вработување. Нели е тоа регуларниот пат за влегување во редот за барање работа!? Поминуваат месеци, а никаков глас, а уште помалку зрак надеж дека ќе те повикаат на работа. Сфаќаш дека не си го одбрал најдобриот пат за решавање на твојот проблем. Одиш со нов план. Разгледуваш весници, пребаруваш на Интернет, бараш огласи за вработување. Сте слушнале за оглас?! Огласи има, ама се вработил ли некој преку нормален оглас? Сепак, испраќаш документи, пишуваш биографија, мотивациско писмо… сè во тек со новите времиња и барања. Одговорите се повеќе од очигледни на напорите да се вработиш на таков начин. Негде-годе се изненадуваш кога ќе ти стигне покана за интервју, а ти го враќаш оптимизмот дека не е сè така црно. Одиш преполн со очекувања, подготвен за прашањата што ќе ти ги постават, папка полна со сертификати, дури и фризурата ќе си ја дотераш за да оставиш подобар впечаток. И само, за момент, твојата кула од карти се руши кога дознаваш дека си параван за некој/а, која веќе претходно го заработил/а местото.

 И сега, што? Од некои искусни барачи на работа бидејќи сега тоа, барачи на работа, е професија добиваш пријателски совет дека тоа треба по партиска линија да го збркаш; да земеш книшка, партиска; да лепиш плакати; состанчиш и нормално гласаш за „твојата“омилена партија.

 Сè уште неуморен и тие совети ги прифаќаш и влегуваш  во трка на која не и се гледа крајот. Ветувањата големи пред избори, за потоа „избраниот“ никаде го нема, како да исчезнал. Затоа се чудиш  и прашуваш: дали оној лик што  секој ден го гледаш од советничките клупи во некоја општина или во Собрание е твојот спасител!?

 Не, не! Изгледа не си го нашол вистинскиот пат… човек, човек е потребен за да најдеш работа. Влијателен, присутен, не мора по секоја цена високо образован, до главните фаци во градот, или уште појако, горе, во Централната власт.

 А, ако Централата и градот не се на иста линија?

 Оф, оф, оф… има ли крај?

 Ќе се одметнам во странство каде без проблем со мојата диплома ќе собирам јаготки или листови во парк, чекајќи бугарски пасош. Или пак, ќе се обидам да најдам празно паркинг место за такси и секој ден ќе треперам да не ме фатат инспекторите. Или пак, ќе одам од бутик до бутик, продавница до продавница да се вработам барем, привремено.

 Добри луѓе, па јас сакам само по редовен, нормален пат да најдам пристојна работа што ќе ми обезбеди иднина во мојава татковина.

 А, работа!? Што беше тоа?

Авторот е анонимен читател на WebOhrid

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.