Институциите со размена на податоци извршиле 35.202 трансакции во име на граѓаните

Државните институции што се вклучени во  проектот интероперабилност со кој се овозможува меѓусебна електронска размена на податоци досега спровеле 35.202 постапки, преку кои на граѓаните им ги намалиле административните бариери со одење по шалтери и им заштедиле време.

Тоа го истакна денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, сумирајќи ги резултатите од реализирацијата на проектот, што почна да се реализира пред една година. Преку проектот во име на граѓаните податоци по електронски пат разменуваат  Централниот регистар, Агенцијата за катастар на недвижности, Царинската управа и Управата за јавни приходи, а се планира вклучување и на останатите државни институции.

Според Ивановски, очекувањата биле системот да надмине над 30.000 трансакции до крајот на годинава, но веќе е достигната бројка од над 35.000. Најмногу трансакции, 14.683, Централниот регистар реализирал по основ на барања за имотен лист од Катастар, а во 7.723 случаи побарувал единствен даночен број од Управата за јавни приходи. Сервисот податоци за единствен  матичен број за потребите на Агенцијата за катастар е искористен во 2.489 случаи, за податоци за парцели од Катастар имало 1.301 побарување, за единствен матичен број од Централниот регистар за потребите на УЈП 1.679, а за назив на субјектот  кој Царинска управа го побарува од УЈП 4.085 побарување.

Министерот Ивановски најави дека во текот на годинава со системот за интероперабилност ќе се поврзат и Министерството за земјоделство,  шумарство и водостопанство, Агенцијата за вработување и Фондот за  здравствено осигурување. Потоа ќе следат неколку фази со кои дел од системот ќе станат и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, управите за водење матична евиденција и за имотно правни работи, mинистерствата  за транспорт и врски, за економија и за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје. Во последната фаза се планира вклучување на министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, Основниот суд Скопје 2 и Управниот суд. Паралелно со тие активности со консултанти од ЕУ се разгледуваат и техничките капацитети за вклучување и на сите државни инспекторати, за што се очекува анализа.

„Очекуваме дека  по завршување на сите овие етапи, речиси 99 проценти од институциите што даваат услуги за граѓаните ќе бидат електронски поврзани и ќе разменуваат податоци, а граѓаните ќе можат да користат едношалтерски електронски систем“, нагласи Ивановски.

Директорот на Централен регистар Ванчо Костадиновски истакна дека проектите што ги спроведува Министерството за информатичко општество и администрација со електронски поврзување на институциите се во насока на зголемување на ефикасноста при давањето услуги за граѓаните.

„Ќе се овомозможи  намалување на административните бариери, размена на документи и  на повисоко ниво поврзување  на базите на податоци помеѓу институциите и на највисоко можно ниво односно автоматизирани процеси во кои ќе разменуваме податоци кои се потребни во определени постапки  во интерес на услугите на граѓаните“, наведе Костадиновски.