Сојуз за иднината: Зошто кога имаат пари за луксузен здравствен туризам ги оставија граѓаните без примарна здравствена заштита?

Во врска со денешниот прес на кандидатот за советник од ВМРО-ДПМНЕ, д-р Гордана Коњановска, со реакција излезе Сојузот за иднината во која што стои:

„Сојузот за иднината го разбира политичкото неискуство на д-р Гордана Коњановска, но никако не можеме да разбереме како може еден сериозен лекар да зборува за инвестиции во здравството кои ќе ги направеле доколку ја добиеле довербата од граѓаните, свесно заборавајќи на секојдневните горливи проблеми, како резултат на разрушените здравствени установи од страна на Владата, чиј кандидат е почитуваната.

Имено, премногу е дрско на граѓаните да им зборувате за здравствена нега од типот на здравствен туризам, имајќи предвид дека Охрид, долг период нема болница. Бараме, почитуваната, ова да им го објасни на сите трудници и сериозно болни, зошто кога имаат пари за луксузен здравствен туризам ги оставија граѓаните без примарна здравствена заштита?

Од друга страна, не смее да се заборави дека резултат на нивното владеење е затворената Специјална детска болница и уништувањето на потенцијалот на специјалната болница Свети Еразмо. Затоа, пред да прочитаат што и да било, докторите кои се на листата за советници на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид, никако не смеат да заборават што направи нивниот министер на нивната фела.

На крај, се сложуваме дека ваквите проекти се добри за уво и потенцијално профитабилни, но овој прес ОК ВМРО-ДПМНЕ треба да го насочи кон нивниот министер за здравство“. – стои  во реакцијата од Сојузот за иднината, испратена до медиумите.

WebOhrid