МЗТ Скопје со 66-64 го совлада Партизан

Пред преполните трибини на СЦ „Борис Трајковски“, на кои беа проценети повеќе од 7.000 гледачи, МЗТ Скопје Аеродром триумфално го заврши последниот настап на домашен терен во дебитантската сезона во АБА лигата. Тимот на Алеш Пипан славеше во неизвесната завршница со 66-64, задржувајќи ги шансите за посакуваното шесто место на табелата.

Вистински подарок обезбедија кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром за многубројните свои навивачи за крај на сезоната во престижното меѓународно натпреварување. Последниот противник на домашен терен беше и веројатно најатрактивниот во лигата, а победата, до која стигнаа со многу храброст, квалитетна игра и максимална пожртвуваност во сите 40 минути, доаѓа само како потврда, за комплетирање на импресивната дебитантска сезона во АБА лигата. Има уште едно коло до крај и тоа коло во кое МЗТ посакува победа на гости против Крка за шестото место на табелата кое води во Еврокуп, но дури и да не се случи тоа, „сино-белите“ дадоа бројни причини за славје и задоволство на своите навивачи и на целокупниот македонски кошаркарски аудиториум.

Одлично го почнаа натпреварот избраниците на Алеш Пипан. Со тројките на Дамјан Стојановски, Ѓорѓи Чековски и Кејд Дејвис поведоа со 11-4 и по само три минути игра го примораа тренерот на Партизан, Душко Вујошевиќ на прв тајм-аут. Ја засили агресивноста во одбрана Партизан и успеа да се доближи на 13-12, но во првата четвртина, која заврши со 19-18 за МЗТ, гостинскиот тим не дојде во ситуација да го превземе водството. Генерално се играше кош-за-кош во продолжението, а МЗТ одржуваше благо едноцифрено водство со добра игра во одбрана и со тоа што честопати ги приморуваа гостинските играчи на загубени топки. Сепак, Партизан беше многу подобар во рекетите, особено при прифаќањето на офанзивните скокови, па до полувреме ја стопи негативата и замина со предност од 31-30.

Слично како на почетокот од мечот, МЗТ одигра одлично и на стартот на третата четвртина. Најпрво погоди Гечевски, потоа Чековски постигна пет поени во низа, а со реализираните слободни на Никола Оташевиќ, домашниот тим дојде до водство од 39-31. Никола Оташевиќ и Ѓорѓи Чековски беа предводници на играта на МЗТ во тој период, како во нападот така и во одбраната, но Партизан повторно успеа резултатски да се врати и преку расположените Гордон и Гагиќ, кои заедно прифатија дури 12 офанзивни скокови, до крајот на периодот водството на МЗТ се стопи на два поени (49-47). Тодор Гечевски рано влезе во проблеми со лични грешки и изгледаше дека Партизан знае тоа како да го искористи, кога со серија од 9-0 поведе со 58-51, но на сцена стапија Дамјан Стојановски, Кејд Дејвис и Ѓорѓи Чековски и натпреварот дојде до изедначени и неизвесни последни две минути. Чековски погоди на 60 секунди до крајот за 64-61 за МЗТ, а потоа Гордон погоди две слободни за Партизан. По еднаш на двете страни од линијата за слободни фрлања прецизни беа Чековски и Лучиќ и Партизан доби последен напад при водство на МЗТ од еден поен. При влезот во рекетот на Бертанс, Кејд Дејвис одлично и навремено се постави во рекетот, Бертанс заработи лична во напад и тука почна славјето на МЗТ. До крај, „црвено-црните“ направија прекршок врз Оташевиќ кој погоди едно од двете слободни, а Партизан последниот шут го имаше од половина терен кој заврши далеку од обрачот, за конечен триумф на МЗТ од 66-64.

Ѓорѓи Чековски одигра фантастичен натпревар кој го заврши со 21 поен и 9 скокови, како најефикасен поединец на теренот. Никола Оташевиќ беше одлична поддршка со 13 поени, 4 украдени топки, 4 асистенции и 3 скокови, а со двоцифрен број на поени заврши и Дамјан Стојановски постигнувајќи 11 поени, на кои додаде и 5 асистенции и 2 украдени топки. Кај Партизан, Дру Гордон беше најефикасен со 18 поени и 14 скокови.

„Пред се сакам да им честитам на играчите за одличната игра и големата борбеност која ја покажаа вечерва“, рече Алеш Пипан по мечот.

„Знаевме против кого играме, сите добро ги знаеме квалитетите на Партизан, тие се квалитетна екипа и пред се повисока од нас. Токму тоа, играта под кошевите ни беше најголем проблем, што може да се види и според бројот на скокови, но ние успеавме тоа да го компензираме со извонредна борбеност во играта во одбрана. Честопати сум кажал досега дека не треба премногу да се радуваме по победи, но и премногу да жалиме по порази, сепак мислам дека ова е голема победа за нас и една голема награда за сите играчи, за целиот труд кој го вложија“, продолжи тренерот на МЗТ.

Следниот натпревар од последното коло во АБА лигата, МЗТ го игра на гости против Крка на 23 март, но во меѓувреме, „сино-белите“ ќе одиграат дерби против Кожув за старт на домашната Суперлига.

„Натпреварот против Крка ни е важен за тоа шесто место и ќе дадеме се од себе, иако може да не зависи од нас дали ќе стигнеме до таа позиција или не. Сепак, не смееме никако да заборавиме дека претходно играме со Кожув, натпревар на кој ќе биде многу тешко да се игра по овој трилер кој го одигравме денеска. Продолжуваме да одиме од натпревар во натпревар, допрва ни претстојат многу нови и важни предизвици“, заврши Алеш Пипан на прес-конференцијата.

извор: МКФ