Зоната Жабени подготвена за инвеститори и нови вработувања

Заокружена инфраструктурата во индустриската зона Жабени, кај Битола. Денеска се пуштени во употреба два инфраструктурни проекти, пречистителна и трансформаторска станица. Инвестицијата е околу 1,8 милиони евра.

„Двете инвестиции се резултат на соработката меѓу Владата и локалната самоуправа. Со овие инвестиции се заокружуваат главните прашања за инфраструктурата во индустриската зона Жабени“, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на пуштањето во употреба на двата инфраструктурни проекти.

Тој додаде дека со нив се решаваат важни проблеми.

„Ќе се пречистуваат сите отпадни води од индустриските објекти што ќе работат во Зоната, а со трафостраницата ќе имаат квалитетно снабдување со електрична енергија“, рече Пешевски.

Трафостаницата е инвестиција од 80 милиони денари што ја обезбеди Владата, а пречистителната станица е финансирана од локалната самоуправа во Битола во висина од 500 илјади евра.

„Овие капитални инвестиции потврдуваат дека сме најподготвени и дека создаваме услови за нови вработувања. Овој проект ќе го смени животот во општината и цел регион“, истакна градоначалникот на Битола Владимир Талевски.