Петрески: Ве повикувам масовно да излезете на гласачките места и заедно да победиме два пати

На денешната завршна прес-конференција на коалицијата Сојуз за иднината, која се одржа во просториите на ОО на СДСМ, најнапред се обрати портпаролот на ОИШ Дејан Блажески кој што ги повика сите граѓани во недела да излезат достоинствено и да го заокружат бројот 42, затоа што како што кажа тој, тоа е бројот за иднината на граѓаните.

Имено Блажески во име на целиот тим, Сојуз за иднината, му подари на актуелниот и кандидат за градоначалник Александар Петрески пенкало и како што рече со ова пенкало Петрески да го потпише новиот мандат.

Sojuz2

Пред присутните, завршно, еден ден пред изборниот молк, се обрати и актуелниот и кандидат за иден градоначалник Александар Петрески кој се осврна на изминатиов предизборен период.

„Во изминатиов период одржавме бројни заеднички средби, митинзи, влеговме во вашите домови, во вашите куќи, ве прашавме што мислите и што сакате да се промени. Заедно со Вас ја напишавме и програмата и со секое наше решение, во секој наш проект се препознава вашиот удел, став и мислење. За разлика од владеачката партија која немилосрдно ги троши народните пари за кампањи, која не се воздржува, масовно врши притисоци, уцени и закани ние настапивме како што му личи на овој народ. Достоинствено, храбро и принципиелно, секогаш заедно  со Вас, со граѓаните. Ароганцијата, насилството и самобендисаноста се нивните главни одлики во начинот на нивното владеење. Истите одлики ги покажаа и во оваа изборна кампања. Никола Груевски и Никола Бакрачески ги гледавме и пред вести, и по вести, и во утрински и во ноќни програми. Нивните лица излегуваа и во весници и на портали и на телевизии. Добро е што завршува кампањата, бидејќи доколку продолжеше сигурно ќе излезеа и од фрижидер. Сакам, најискрено, со длабока почит да Ви  заблагодарам што ни отворивте врата, што срдечно не примивте, што бевте наши соборци и што во најтешкото време ни  дававте поддршка да продолжиме по вистинскиот пат“. – истакна Петрески.

Како што рече Петрески, овие избори не се обични локални избори.

„Тие се референдум за промена на катастрофалните политики на Груевски и ВМРО–ДПМНЕ. На овие ибори гласате еднаш, но вашиот глас вреди двојно. За продолжување на успехот на локалната власт предводена од Сојузот за иднината и во исто време за одземање на легитимитетот на централната власт. Да ги победиме на локални избори и веднаш потоа да ги победиме на предвремени парламентарни избори“. – додаде акуелниот градоначалник Петрески.

Петрески заедно со неговиот тим, неговата програма како што истакна, нуди визија за продолжување на позитивните промени и подобрување на локалната самоуправа.

„Тоа го докажавме и во изминатиов мандат. Но, Вие почитувани граѓани најдобро знаете дека не е доволно да напредува само нашата општина. Затоа потребно е да се промени централната власт и генералниот курс по кој е движи државата. На 24–ти март искористете ја приликата. Ве повикувам масовно да излезете на гласачките места и заедно да победиме два пати. Да победиме за нашата општина и да победиме за цела Македонија“. – рече Петрески.

Актуелниот и кандидат за иден градоначалник од СДСМ Александар Петрески, уште еднаш ги повика сите охриѓани да му ја дадат својата поддршка и како што рече не заради него, туку заради нив самите, заради иднината на нивните деца, заради иднината на Охрид и цела Македонија. Петрески ги повика граѓаните да го заокружат бројот 42 на гласачкото ливче за градоначалник и листата на советници на Сојузот за иднината.

Sojuz1WebOhrid