Средба на министерот Никола Попоски со директорот на ОДИХР и со шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, по повод одржаниот прв круг од локалните избори, вчера оствари средба со Јанез Ленарчич, директор на Канцеларијата за демократски институции и човекови права – ОДИХР и амбасадорот Герт Аренс, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Соговорниците разменија мислење за текот на изборниот процес при што беше изразено заедничко задоволство од успешно организираните избори кои беа оценети како мирни, конкурентни и ефикасно спроведени, а во контекст на Прелиминарниот извештај на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.

За време на средбата стана збор и за досегашната соработка на Република Македонија со ОДИХР во врска со изборниот процес, како и за улогата што ОДИХР ја има во обезбедувањето на експертиза, препораки и други видови помош во насока кон подобрување на изборната легислатива. Притоа, министерот Попоски ја повтори подготвеноста на Владата на Република Македонија за имплементација на евентуалните препораки кои би ги содржел финалниот Извештајот.

Претставници на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат присутни и во вториот круг од локалните избори, што претставува бенефит за Република Македонија.