Цел шлепер со фалсификат лак и пена за коса Intesa запленети на царинската испостава Богородица

Царинските службеници од царинска испостава Богородица, синоќа околу полноќ привремено задржаа околу 43 илјади парчиња лак и пена за коса, под сомнение дека се фалсификат на заштитна трговска марка INTESA.

Имено, на 28.03.2013 година, 30 минути по полноќ, за влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица се пријави турски камион, управуван од лице со турско државјанство. Камионот бил натоварен со стока со турско потекло, пријавена за транзитна постапка за увозник од Тирана-Албанија.

При контрола на стоката, царинските службеници забележале козметички производи за нега на коса од трговската марка INTESA, а поради основано сомневање дека се работи за фалсификати, ги исконтактирале застапниците за трговската марка и им испратиле податоци, слики и документи од контролираната пратка.

Застапникот веднаш одговорил дека стоката ги повредува нивните права на интелектуална сопственост, и поради тоа царинските службеници привремено задржаа 23.590 парчиња лак за коса и 19.200 парчиња пена за коса Intesa.

Фактурната вредност на стоката изнесува 563 илјади денари, нo доколку би се продавала како оригинал, вредноста би достигнала 4,9 милиони денари.

Помеѓу картоните, царинските службеници пронајдоа и 7 картони со непријавени етикети за шампони (53 илјади) со трговската марка Wash & Go, за кои е утврдено дека го повредуваат правото на интелектуална сопственост на трговската марка Wash & Go. И оваа стока е задржана.

Покрај стоката за која е утврдено дека повредува права на интелектуална сопственост, при контрола на возилото пронајдени се и 1.000 картони по 24 парчиња парфимиран спреј против инсекти H-10, иако документарно биле пријавени само 307 картони. Останатите 693 картони (16.630 парчиња) вишок, непријавени спрејови против инсекти, со вредност од 428 илјади денари се привремено задржани.

Против лицето, Царинската управа ќе поведе соодветна постапка.