Попоски-Оер: Франкофонијата значи споделување заеднички вредности

Со изложба на фотографии на младиот француски уметник Антони Марко „Париз низ моите очи“ и натсап на ученици од прво и второ оддление од Француското интернационално училиште, денеска во зградата на Министерството за надворешни работи беше одбележан Денот на франкофонија во Република Македонија.

На манифестацијата, која традиционално се одржува секоја година, а овој пат е насловена „Франкофонска пролет“, се обратија шефот на дипломатијата Никола Попоски и амбасадорката на Франција во Македонија Лоранс Оер.

„Овој настан претставува повод да им искажеме посебна чест на татковците-основачи на оваа престижна организација, кои преку  својата визија и енергија знаеја да ги обединат земјите кои го споделуваат францускиот јазик околу големите достигнувања на човештвото како што слободата, мирот, демократијата, солидарноста, но сепак обидувајќи се да ја зачуваат разноликоста. Република Македонија го зазема своето заслужено место во големото франкофонско семејство уште од 2006 година. Францускиот јазик е дел од нашата историја, но исто така преставува неодделив дел од нашата европска иднина“, рече министерот Попоски.

Оваа година, додаде, во повеќе градови во земјата, преку низа активности и настани ќе биде одбележан месецот на франкофонијата, што сведочи за франкофонската традиција на различни нивоа, за влијанието на јазикот, на литературата, но и на француската култура во интелектуалната средина, традиција, која, вели, ќе продолжи.

Според амбасадорката Оер, францускиот јазик не е само јазик на дипломатијата, на модата или на гастрономијата, но е исто така и мошне моќна алатка за професионална промоција на младите луѓе на кои што им се отвора прозорец не само кон Франција туку кон светот, кој денес е глобализиран.

„Освен споделувањето на францускиот јазик, франкофонијата претставува отвореност кон светот и споделување на заеднички вредности на хуманост и демократија. Подготвени сме заедно со англискиот јазик, а не против него подготвени сме да твориме на целата планета“, порача Оер.

Фотографската постановка на Антони Марко, која ја доловува магичноста на француската метропола, ќе биде изложена во фоајето на МНР една недела.