Претседателот на Собранието Вељаноски оствари средба со српскиот претседател Томислав Николиќ

Уште еднаш потврдени пријателските односи и заемната поддршка меѓу Република Македонија и Република Србија на денешната средба меѓу претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски и српскиот претседател, Томислав Николиќ. Меѓу темите на двајцата соговорници предвизиците со кои се соочуваат двете држави во пресрет на очекуваниот датум за почеток на преговорите со ЕУ, разговорите за спорот со името, но и црковниот спор меѓу Македонија и Србија и можностите за нивно надминување.

Вељаноски и Николиќ изразија задоволство од интензивирањето на соработката и средбите меѓу македонски и српски претставници. Српскиот претседател потенцираше дека Република Србија ѝ посакува на Република Македонија само добро и дека Македонија на северот има пријател и сојузник.

Претседателот Вељаноски истакна дека двете земји мора да ја одработат ЕУ агендата и дека политичарите имаат обврска и одговорност што поскоро да се реализира таа агенда. Го пренесе неговото убедување дека во јуни и Македонија и Србија ќе добијат датум за отпочнување преговори.

„Реформите ги правиме за себе и за граѓаните со што би биле поконкуретни на пазарот и поподготвени откако ќе почнат преговорите“, рече  Вељаноски.

Притоа тој се заблагодари за сè што Србија прави за македонската заедница, но истакна и дека Србите во Македонија се лојални на државата во која живеат.

Официјалната посета на Вељаноски на Белград се случува во период особено важен за Македонија и во функција на добрососедските односи, за Белград, пак, ова е специфичен момент на преговори за Косово во Брисел.