Нашата ДНК ја крие пораката од вонземјаните?

Двајца научници од Казахстан тврдат дека човековата ДНК крие порака од вонземјаните.

Физичарот Владимир Шчербак од Универзитетот во Казахстан и астробиологот Максим Макуков од Астрофизичкиот институт Фенсеков, сметаат дека секој од нас носи „печат“ која ни го втиснала некоја моќна цивилизација од друга планета.

Наместо да правиме истражувачки мисии во вселената, треба да се загледаме длабоко во нашите тела, во човечката ДНК, наведуваат казахстанските експерти, според кои човечкиот ген е плод на вонземска цивилизација, стара неколку милиони, а можеби и милијарди години.

Според нив, Дарвиновиот систем не ја објаснува математичката порака откриена во човечкиот генетски код, па според тоа заклучуваат дека „генетскиот печат“ има вонземско потекло.

Во студијата, објавена во научното списание Икарус, двајцата научници заговараат биолошки пристап кон прашањето за постоењето на живот надвор од нашата планета, убедени дека вонземјаните оставиле траги на Земјата. Нивниот заклучок е дека нашиот генетски код настанал надвор од сончевиот систем пред милијарди години.

Оваа теорија ја поддржува идејата за „панспермија“, хипотеза дека живот постои ширум целиот универзум и дека може да биде пренесен од една на друга локација, односно дека е насекаде „посеан“.