Едношалтерски систем за добивање документи од институциите

На вчерашната владина седница Владата го усвои Предлог-законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност. Со донесувањето на овој закон се влегува во втората интензивна фаза од реформата и таа се заокружува со што институциите се обврзуваат и се мотивираат да ја имплементираат реформата која за граѓаните, компаниите и субјектите (за сите физички и правни лица) значи обезбедување на сите потребни документи за кои се води службена евиденција со поднесување на само едно иницијално барање.

Со донесувањето на предложениот закон ќе се создаде правна основа за задолжително прибавување и размена на докази и податоци по службена должност за сите институции, што пак ќе овозможи поефикасна и поедноставна управна постапка, а ќе ги намали административните бариери за субјектите во остварувањето на нивните права и правни интереси.

Првата фаза од реформата беше предвидена со воведувањето на оваа реформска мерка во Законот за општа и управна постапка, за потоа во неа да се вклучат како пилот единици неколку државни институции кои успешно ја имплементираа. Останатите институции имаа бариера која се содржеше во нивните материјални закони кои не предвидуваа ваква можност, но затоа сега со донесувањето на ваков специјален sui generis закон се дава правната основа за комплетно воведување на оваа обврска за сите институции.

Со овој закон се уредува постапката за прибавувањето и размената на докази и податоци по службена должност од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон, други државни органи, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје (во натамошниот текст: органот надлежен за решавање), кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички и правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странките).

Под докази и податоци во смисла на овој закон се подразбираат исправите (уверенијата, сертификатите, потврдите, изводите и друго), кои се издаваат од надлежен орган за кои органот води службена евиденција, а што служат за утврдување на фактичката состојба врз основа на која се решава за правата, обврските или правните интереси на странките.

Имено, доколку една странка има потреба да извади некоја исправа, а за да ја извади таа исправа странката треба да поднесе и други документи, странката нема да мора како досега да оди по шалтери и да ги извади и прибави сите претходни документи за да ја добие исправата која и треба, туку во иднина ќе треба да поднесе само едно барање за добивање на исправа на еден шалтер на кој иницијално се добива таа исправа, а сите останати документи кои се водат во официјалните регистри органот кој ја издава иницијалната исправа која се побарува ќе ги обезбеди по службена должност.

Со оваа реформа странката ќе има значајни заштеди во време и средства кои вообичаено ги троши за посета на повеќе институции за да ги извади претходните документи, туку својата потреба ќе ја задоволи едноставно и ефикасно на само еден шалтер.

Странката барањето за остварување на право, односно правен интерес е должна да го достави на образец, на кој таксативно се наведени доказите и податоците кои странката е должна да ги приложи кон барањето, и доказите и податоците кои органот надлежен за решавање ги прибавува по службена должност.

По поднесувањето на барањето од страна на странката на шалтерот на органот кој е надлежен за издавање на исправата, самиот орган за издавање на исправата ќе треба во рок од три дена да ги обезбеди другите исправи кои се потребни за издавање на исправата доколку тие се доставуваат по електронски пат, или во рок од седум дена доколку тие се доставуваат по писмен пат. На самиот шалтер на органот странката ќе ги подмири сите трошоци кои се потребни за добивање на исправите кои се потребни, а се обезбедуваат од други органи, а не како досега да има обврска на секој шалтер кој издава исправа во секој орган да плаќа посебно.

Сите останати детали и процедури за конкретна операционализација на реформата која ќе важи за сите институции ќе бидат уредени со подзаконски акти на секоја институција, за чија подготовка Владата вчера формираше Управувачки комитет кој го води министерот Иво Ивановски, и даде рок сите овие подзаконски акти да се донесат во рок не подолг од три месеци, а да се имплементираат во рок не подолг од шест месеци.

Ова е значаен исчекор на полето на реформа на јавната администрација кој ќе донесе сериозни придобивки за странките, ќе заштеди време, трошоци и енергија, и ќе обезбеди ефикасно задоволување на нивните интереси. Владата ќе продолжи со модернизација и реформа на јавните служби.