Иванов: Заедно да ја градиме Македонија

По повод прославата на 50-годишнината од првата македонска црква во дијаспората, претседателот Ѓорге Иванов, каде на вториот ден од својата посета присуствуваше на гала вечера во соборната црква Св. „Климент Охридски“ во Торонто – Канада, упати топли поздрави од Македонија.

„И благодарам на Организацијата Обединети Македонци за ова признание што го носи името на Методија Андонов – Ченто, познат како прв претседател на независна Македонија. Признанието го прифаќам со гордост и чест, не само во мое име, туку и во името на Република Македонија и македонските граѓани, и се она што правиме за заштита, унапредување и промовирање на човековите права.Признанието ми е дотолку помило и позначајно бидејќи е доделено во годината на клучни јубилеи поврзани со човековите права и слободи“. – рече Иванов.

Македонија и Канада споделуваат многу нешта, споделуваат исти вредности. Како што нагласи Иванов, двете демократии имаат сличен модел на интеграција без асимилација, модел што подразбира негување на културната, етничката и верската разноликост. 

„Нашите две држави промовираат толеранција и дијалог меѓу граѓаните и меѓу народите во светот.Преку својата посветеност и трудољубивост, вие придонесувате во зацврстувањето на одличните билатерални односи меѓу Македонија и Канада. Сврзувајќи го најдоброто од двете култури, македонската заедница е мостот што ги поврзува двете држави. Ве охрабрувам да продолжите да придонесувате кон добробитта и богатството на канадското општество. Вие сте тие кои во односите меѓу двете земји давате квалитет и содржина. Не заборавајте дека вие сте сликата за Македонија во Канада“. – истакна Иванов.

Претседателот Иванов во својот говор со порака – каква Македонија создаваме, таква и ја имаме.

„Знам дека имаме исти желби и визии за нашата заедничка татковина Македонија. Мојот апел до сите вас е да се обединиме околу мотото: каква Македонија создаваме, таква и ја имаме. А сакаме да имаме побогата, понапредна, европска и евроатлантска Македонија. Од Македонија да создаваме земја отворена за странски инвестиции, напредни технологии, претприемаштво и иновации. Земја во која економскиот развој и успехот се темелат врз лична одговорност, професионалност и посветеност во работата. Ве повикувам заедно да ја градиме Македонија во височина, со највисоки стандарди, критериуми и вредности. На тоа нè обврзуваат нашите предци, но, пред сè, на тоа нè обврзуваат нашите деца, кои се нашата иднина“. – рече претседателот Иванов.