Учениците од Косел го чествуваа ликот на Гоце Делчев

Деновиве се нанижале празници за прославување, но и за потсетување на нашето бурно историско минато и на нашите големи и храбри синови македонски. Еден таков ден за паметење е денот Четврти мај, ден во кој пред точно 110 години, се случи погибијата на големиот Македонец, револуционер од голем калибар,  идеологот на македонското револуционерно движење – Гоце Делчев. По овој повод, вчера, поради празниците, четири дена порано, во училиштето  во Косел кое до пред десетина години го носеше името на Гоце Делчев, а денес името на Ванчо Николески, учениците приредија пригодна програма во која со соодветни литературно-ликовни  и рецитаторски  настапи  го одбележаа овој настан од македонската историја. Меѓу другото, дел од вчерашните часови беа посветени на ликот на Гоце Делчев. Во приредбата свое учество зедоа ученици од речиси сите одделенија во подрачното училиште, како и нивните одделенски наставнички  и предметните наставници по историја и по македонски јазик.

Вчерашната приредба во Косел е само почеток на свеченостите, бидејќи веќе е во тек подготвката за традиционалната Велигденска изложба, како и подготовките за патронатот – 10 Мај, кога со бројни музичко-сценски точки, во центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи овогодишната прослава на училиштето кое денес го носи името „Ванчо Николески“, во чест на основоположникот на македонската литература за деца.

WebOhrid / фото: Дим Дон