Министерот Попоски во работна посета на Кралството Данска

За време на посетата на Кралството Данска, министерот за надворешни работи, Никола Попоски оствари одвоени средби со министерот за надворешни работи Вили Совндал и со министерот за европски прашања на Кралството Данска, Николаи Вамен.

На средбата со министерот Совндал беше разговарано за натамошното продлабочување на дијалогот меѓу Република Македонија и Кралството Данска, како и за интересот и можностите за натамошно интензивирање на соработката во европските интеграции, регионалните предизвици, ангажманот во глобалните мисии каде двете земји учествуваат, како во Авганистан, како и за соработката на економски план.

Притоа, министерот Попоски информираше за постигнатиот напредок во делот на реформите, политичката агенда на Република Македонија во процесот на интеграција во ЕУ и во НАТО, како и за конкретните напори за натамошното интензивирање и унапредување на односите и соработката со нејзините непосредни соседи.

Министерот Совндал ја повтори поддршката на Кралството Данска, истакнувајќи дека неговата земја е пријател на Република Македонија, а тоа пријателство е базирано на повеќегодишната меѓусебна доверба и соработка.

На средбата со министерот Вамен, акцент беше ставен на напредокот на Република Македонија во спроведувањето на реформите, како и за очекувањата од Јунскиот самит на Советот на ЕУ. Министерот Вамен изрази уверување дека Република Македонија ќе продолжи со динамика во процесот на исполнување на реформите и воедно ја реафирмираше данската поддршка како политичка, така и техничка, во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.

За време на дводневната посета на Данска, министерот Попоски учествуваше и на Конференцијата под мотото: “20 години што ја променија Европа: Копенхашките критериуми и проширувањето на Европската Унија“, при што  имаше свое обраќање на панел-дискусијата, на која учествуваа и заменик премиер и министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак како и заменик премиерот за европски интеграции на Србија, Сузана Грубјешиќ, на тема „Како проширувањето на ЕУ ја обликуваше и продолжува да ја обликува Европа“.

Во своето излагање Попоски истакна дека  Македонија нема друга алтернатива освен да го следи патот кон членство во ЕУ. “Тоа е патот кој се создава последните 20 години и кој има консензуална поддршка од сите политички субјекти, како и непоколеблива поддршка од граѓаните. Во случајот на Македонија, Kопенхашките критериуми одиграа клучна улога во трансформацијата на земјата. Наш императив беше да се изгради општество со стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права, почитување и заштита на малцинствата и создавање на функционална пазарна економија, општество кое може да придонесе за европскиот развој и просперитет.

На конференцијата зедоа учесто и  Комесарот на ЕУ за проширување, Штефан Филе и поранешниот министер за надворешни работи на Кралството Данска, Уфе Елеман Јенсен.