Трајкоски: Наша заложба е секој жител на општина Дебрца да има чиста вода за пиење во иднина

Општина Дебрца денес започна со активности за откоп на 150 метарски канал и црево за подобрување на водоводната мрежа во с. Оровник, со што ќе се реши проблемот на жителите од ова село, а пред се на оние кои што живеат на повисоките делови од Оровник.

„Од една страна ваквите зафати значат дека во иднина нема да имаме проблеми, но и дека ги исполнуваме ветувањата пред изборите. Во денешно време навистина е недозволиво некој да нема вода. Наша заложба е секој жител на општина Дебрца да има чиста вода за пиење во иднина“, – изјави градоначалникот на Општина Дебрца, Игор Трајкоски.

Како што рече Трајкоски овој проект се финансира со средства од програмата за инвестиции на Локалната самоуправа на Дебрца. За жителите на село Оровник ваквата инвестиција значи многу, бидејќи како што велат тие, веќе подолго време го имале овој проблем, а пред се во летните месеци.

„Живеам најгоре од селово. Кога го колев прасето вода немав да се мијам, кога доаѓав од работа немав вода да се измијам. Големи проблеми да не набројувам. Сега со ова што се прави, би требало да се реши проблемот, па ќе видиме“, – вели Бранко Мојсоски жител на Оровник.

Директорот на Јавното комунално претпријатие Дебрца, Стојмир Велјаноски се надева дека овој проблем ќе се реши и дека овие домаќинства во с. Оровник  ќе имаат чиста и здрава вода за пиење.

„Во ова село значи е направен нов водовод пред неколку години, тоа функционира, но во летниот период бидејќи имаме недостаток на вода од Св.Еразмо со пумпна станица се појавува на неколку часа, во одредени периоди да немаат вода одредени домаќинства. Се надеваме и сигурни сме дека со овој зафат ќе се реши проблемот, бидејќи овој зафат е само за овие 20 домаќинстава и секогаш ќе имаат вода чиста и здрава за пиење. За два дена овој зафат комплетно ќе биде завршен“, – рече Велјаноски.

WebOhrid