Тренерска Клиника – Охрид 2013

На 15 и 16 јуни во салата „Билјанини Извори“ во Охрид ќе се одржи Тренерската клиника 2013, на која предавања ќе одржат некои од најеминентните тренерски имиња во Европа и во светот. Меѓу нив и најтрофејниот евроски тренер, Жељко Обрадовиќ заедно со неговиот асистент Димитриос Итудис, како и потпретседателот на Младинската Комисија на ФИБА Европа и Претседател на Стручниот совет на Федерацијата на Словенија, Тоне Крумп.

Жељко Обрадовиќ и Димитриос Итудис во своите предавања ќе ги опфатат темите: „пик-енд-рол напад“, „напад против зона“, „индивидуална работа на шут со бековите“ и „презентација на основи на тренинг користени во Панатинаикос“. Покрај теоретскиот дел, Обрадовиќ и Итудис за Тренерската клиника имаат предвидено и демонстрација на вежби со фокус на нивна примена во работата со младите кошаркари. Предавањата ќе се одржат на 15 и 16 јуни во салата „Билјанини Извори“ во Охрид, со почеток од 10:00 часот и ќе траат до 13:15 часот.

Антон Тоне Крумп своите предавања и демонстрации на Тренерската клиника ќе ги одржи во термините од 14:30 часот до 16:00 часот на 15 и 16 јуни, исто така во салата „Билјанини Извори“, а ќе се фокусираат на тренерските организации и нивното функционирање, како и на процесот на селекција и пред-селекција во младинските категории. Темите се: „Модел и организација на стручната работа со младите категории на национално ниво“, „Клучни прашања за системот и процесот на селектирање на клупско и национално ниво“ и „Универзален континуиран напаѓачки систем 2-1-2“ со акцент на преодот на младите играчи во сениорско натпреварување.

Покрај Обрадовиќ, Итудис и Крумп, на Тренерската клиника во Охрид ќе учествуваат и други познати имиња од тренерската струка, со предавање, демонстрација и совети во однос на физичката и психолошката подготовка на играчите за тренинг и натпревар. 

Присуството на Тренерската клиника е задолжително за сите тренери, кои покрај на предавањата, ќе треба да присуствуваат и најмалку два дена на Кампот на МКФ во Струга, каде ќе треба да одработат неколку теми кои ќе им бидат зададени од Стручната Комисија. Тренерите кои ќе присуствуваат на Кампот ќе бидат поделени по региони, за што благовремено ќе бидат известени од Тренерската организација. Цената за присуство на Тренерската клиника изнесува 30 евра (1.800 денари) за сите членови на МКФ, односно 50 евра (3.000 денари) за тренерите кои не се членови на МКФ. Цената пак за присуство на Клиниката со едно спиење и доручек во хотелот Еуротел во Струга изнесува 60 евра (3.600 денари) за членови на МКФ и 80 евра (4.800 денари) за тренерите кои не се членови на МКФ.

Пријавувањето на тренерите е отворено до 25 мај. Заинтересираните можат да се пријават со испраќање на e-mail на editor@basketball.org.mk, со назнака „За Тренерска Клиника 2013“ и со следните генералии: Име и презиме, Датум на раѓање, Адреса на живеење, Телефон, Клуб, Големина на маици и начин на уплата. Средствата може да се уплатат на сметката на МКФ*, или на лице место – на 15 јуни од 09:00 до 09:30 часот во салата „Билјанини Извори“ во Охрид“. Присуството на Тренерската клиника е задолжително, а за тренерите кои нема да присуствуваат, цената за Тренерските лиценци за наредната натпреварувачка сезона ќе биде двојно повисока.

* Сметка на МКФ:

МКФ Спорт ДОО – Скопје

300 000 003 000 828

Комерцијална Банка, АД Скопје

Цел на дознака: Тренерска клиника 2013