Бесплатни 40.000 дигитални ресивери за социјалните семејства

Четириесет илјади корисници на социјална парична помош од денеска во центрите за социјална работа можат да подигнат бесплатни дигитални ресивери т.н сет ап бокс со кои на ТВ  приемниците ќе следат  телевизиска програма преку дигитален сигнал од 1 јуни, кога ќе стартува процесот на дигитализацијата. Уредите за таа категорија граѓани ги набави државата преку ЈП „МРТ“ која спроведе тендер и склучи договор со Макеоднски телеком за набавката  за цена од 59 милиони денари.

Првите дигиталните ресивери на претставници на семејства со социјален ризик ги доделија министрите за труд и социјална политика и за информатичко општество и администрација, Спиро Ристовски и Иво Ивановски. 

Според министерот Ристовски,  станува збор за значен проект бидејќи семејствата корисници на социјална парична помош ќе немаат никаво финансиско оптоварување за набавка на уредите.

„Ќе ги добијат врз основа на нивниот статус. Во секој Центар за социјална работа  корисниците на социјална парична помош ќе може да дојдат и врз основа на потписот што го даваат  месечно за продолжување на  користење на тоа право истовремено ќе добијат и соодветниот сет ап бокс за дигитална телевзиија. Ќе потпишат лична потврда дека го подигнале“, изјави Ристовски. 

На тој начин, посочи, ќе се обезбеди гаранција дека секое социјално семејство  ќе ја добие потребната поддршка за од 1 јуни да може да се приклучи на дигиталниот начин на следење на програмите. 

Министерот Ивановски истакна дека дигитализацијата е значаен процес со кој граѓаните ќе имаат можност да следат многу поквалитетна програма со многу повеќе содржини.

„Се надеваме дека дигитализацијата ќе донесе и поголем број вработувања затоа што се отвораат нови гранки  во мултимедијалните аудиовизуелни услуги кои по примерот на ЕУ и западните развиени земји придонесоа за нови бизниси и вработувања“, рече Ивановски.

Според Советот за радиодифузија,  од 60 телевизии на национално и на локално ниво кои побараа измени на доволите за премин од аналогно во дигитално емитување, 30 ќе емитуваат програма преку дигиталната платформа на избраниот оператор за таа намена компнијата ОНЕ (4 национални, 6 скопски и 20 локални кои ќе прераснат во регионални телевизии), а 30  ќе емитуваат преку кабловски оператор.

„Нема да постои ризик дека некоја телевизија ќе згасне затоа што сите сегашни ќе  продолжат да функционираат. Очекуваме дека и останатите граѓани ќе го искористат овој период да го набават потребниот уред. Според последните информации од ОНЕ, ги има во сите нивни продавници, во тобако продавниците, во сите киосци каде секој граѓанин може да стави кредит на телефонот од ОНЕ и ќе може да го набават уредот“, наведе Ивановски, повторувајќи го тврдењето на  операторот ОНЕ дека се е подготвено за дигитализацијата.

Јавниот телевизиски сервис „МРТ“ од 1 јануари годинава веќе функционира на дигитална платформа, а целиот процес ќе го заокружи до крајот на јуни.