Одбојкарите на домашен терен ќе ги играат квалификациите за Светското првенство

Македонската одбојкарска репрезентација ќе атакува на првата позиција во квалификациите во групата за Светското првенство. 

Квалификацискиот турнир ќе се одржи во Скопје во СРЦ „Кале”, а селекторот на Македонија, Николај Жељасков е оптимист.

„Ако одиграме на високо ниво може да се надеваме на првото место што за мене е секогаш главна цел. Не очекува силен турнир. Имаме многу позитивни елементи во играта. Оваа екипа има потенцијал, но во модерната одбојка може да победи само екипата, а неможе поединецот особено кога во три дена се играат три натпревари,“ – изјави Жељасков на денешната прес конференцијата.

Капитенот Никола Ѓоргиев со свое видување за квалификациите:

„За три дена ќе одиграме три натпревари, а првиот секогаш е најважен. Мора да постигнеме победа на тој дуел и после ќе мислиме на другите натпревари. Имавме жестоко темпо на подготовки, тренинзи и контролни натпревари. Расте нивото на игра и тоа ми се допаѓа што се повеќе личиме на тим“.

Македонија своите натпревари ќе ги игра во терминот од 18 часот, а противници ќе бидат Албанија (петок), Црна Гора (сабота) и Украина (недела). Другите натпревари почнуваат во терминот од 15:30 часот.

На репрезентацијата денеска последен ќе и се приклучи Вук Карановиќ, додека во стручниот штаб се надеваат дека повредите Јовица Симовски и Александар Љафтов ќе ги санираат повредите.