Задолжително снимање на ретки и сложени хируршки интервенции

Здравствените установи  се обврзани од 15 септември да снимаат хируршки интервенции и да ги архивираат снимките, за што Министерството за здравство донесе правилник согласно со Законот за медицински студии.

Министерот за здравство Никола Тодоров на прес-конференција информираше дека ќе се снимаат операции од сложени и ретки случаи за кои кадарот не е усовршен и кога се применува недоволно познат метод.  Снимките ќе се чуваат во база и ќе им користат на студентите по медицина и на специјализантите, а од друга страна, ќе може на барање да се прегледаат од стручни лица ако постои сомневање за лекарска грешка или компликација настаната од операцијата.

Задолжително ќе се снимаат сите ендоскопски и лапараскопски операции, кои се изведуваат со апарати со вградени камери кои снимаат автоматски. Установите треба да си обезбедат дополнителна опрема за снимање на интервенции од отворената хирургија,  т.е. камера што хирургот ја носи на глава или се прикачува на рефлекторот над  масата за операција.

„Установите треба да се подготват и некои од нив да набават ситна опрема, имајќи предвид дека ќе треба да се снима само еден помал дел од отворената хирургија, кога се работи за нови, невообичаени случаи и методи кои ги немаат усовршено поголем дел од докторите… Со оваа новина во македонското здравство еднаш засекогаш ќе се стави крај на гласини дека е направена лекарска грешка, така што се овозможува заштита на правата на пациентите, но и на здравствените работници… Од сите хируршки интервенции ќе биде составена база, без податоци за пациентите, која ќе служи за студентите и специјализантите на медицинските факултети, за да се запознаат и да ги совладаат техниките и методите на  хирургијата. Идејата е да се демонополизира знаењето и да се прошири на што повеќе здравствени работници“, – рече министерот Тодоров.

Предвидени се казни за директор на установата ако не овозможи снимање интервенции или за здравствен работник кој има обезбедени услови, а  не сака да сними операција. Кривично дело ќе се смета и злоупотреба на снимениот материјал, до кој пристап ќе имаат само надлежните органи.