Претседателот Иванов го откажа Самитот кој требаше да се одржи во Охрид и Струга

Претседателот Иванов го откажа Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Форумот на Дијалогот на цивилизациите, што викендов требаше да се одржи во Охрид и Струга.

Во прилог следува целосната изјава на претседателот Иванов:

„Сакам да ве информирам дека донесов одлука да го откажам Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа како и Форумот на Дијалогот на цивилизациите, кои требаше да се одржат викендов во Охрид и во Струга.

Државниот интерес и достоинството на Македонија ме обврзаа да ја донесам оваа одлука.

Сакам да знаете дека Република Македонија, постапи целосно во согласност со основачките документи и правила и постапуваше како одговорен претседавач со Процесот.

За жал старите балкански предрасуди и комплекси повторно заживеаја  во пресрет на Самитот. Нема да дозволам преку грбот на Македонија да се прекршуваат старите балкански предрасуди, и да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија.

Предизвиците се решаваат со дијалог, а не со бојкот. Се подготвувавме цела година за овој самит. Сакавме и направивме се за да ги донесеме сите лидери од регионот на иста маса.

Поставивме тема која е високо и на глобалната агенда, од која интерес ќе имаа нашите граѓани, нашите општества. Македонија не сака да биде набљудувач, уште помалку учесник во игрите со вета. Македонија не сака да биде набљудувач, уште помалку учесник во игрите со бојкоти.

Му посакувам успех на следниот претседавач со Процесот.

Се надевам дека час поскоро ќе имаме еден поинаков Балкан, поевропски Балкан.

Секако потребно ни е партнерството на Европската унија. И за Унијата, ова е еден јасен сигнал кој ја отсликува реалноста во нашиот Регион. 

Таа реалност очекувам да е мотив и предупредување за европските лидери правилно да ја разберат нашата регионална реалност. 

Оваа одлука ја донесов и за да не се манипулираат граѓаните на Република Македонија, како и граѓаните на сите држави од регионот. Конечно дојде денот кога некој треба отворено да признае дека регионалната соработка е исправена пред сериозен, крупен предизвик. 

Македонија покажала и докажала дека е иницијатор и партнер во регионалната соработка, дека се залага за вклученост на сите држави во регионот, но повеќе од јасно е дека самиот регион има сериозни предизвици. 

Им благодарам на ангажманот на сите кои беа вклучени во организацијата на Самитот. 

Им благодарам на сите поканети учесници, кои безусловно ја прифатија поканата. 

Државниот интерес на Република Македонија и достоинството на нејзините граѓани немаат цена“. – изјави претседателот Иванов.