„Рисовите“ пред голем предизвик, Македонија-Шведска

Најдобрата репрезентација на Македонија во Малме започна да го одработува последниот дел од подготовките спроти контролниот натпревар против Шведска во понеделник. Македонската репрезентација работи во комплетен состав,  од фудбалерите кои беа повикани за скандинавската акција последен на тимот му се придружи Александар Тодоровски. Селекторот на „рисовите“, Чедомир Јаневски смета дека дуелот против силната Шведска е шанса за ново докажување.

„Во составот имаме млади фудбалери кои добија повик да бидат со нас на натпреварите против Шведска и Норвешка. Радува тоа што тренинзите ги одработија на високо ниво,  во нивното однесување се препознава желбата да му бидат од корист на националниот тим. Имаат прилика и ќе видиме дали може да се адаптираат на поинаков и поквалитетен стил на игра. Настојуваме и да ги регенерираме играчите кои малку се заморени од завршената сезона на клубско ниво. Натпреварот против Шведска е прилика одблизу да видиме како ќе функционира тимот со неколку измени. Дел од фудбалерите имаат шанса да се наметнат за дуелите кои ни следуваат. Исто така, сакаме да ја задржиме и натпреварувачката важност на пресметката. Шведска е еден од најдобрите европски тимови, претпоставките и најавите се дека ќе играат речиси во најсилниот состав, но ќе настојуваме да им направиме проблеми. Овие играчи можат да добијат самодоверба на вакви, силни натпревари и дуелот со Шведска е еден од оние каде може да видиме до каде сме“, изјави селекторот на репрезентацијата, Чедомир Јаневски.

Директорот на националната репрезентација, Петар Милошевски вели дека ова се натпревари кои можат само да не мотивираат, шанса за напредок и непроценливо искуство.

„Големо е задоволството што сме овде. Нашите две федерации имаат пријателски однос. Нашата намера е да играме против силни противници, само на тој начин можеме да напредуваме. Прифаќајќи ја понудата нашиот состав да биде главна контрола пред значајниот натпревар против Австрија од мундијалските квалификации, Шведска само ни даде потврда за нашиот напредок и трудот кои го вложуваме да бидеме дел од силни натпревари. Условите кои ги имаме во Малме не мотивираат, стручниот штаб и фудбалерите ја реализираат предвидената програма и се надевам дека од скандинавската турнеја ќе извлечеме многу позитивни работи. Очекувам дека ќе одиграме добар натпревар и квалитетно ќе се претставиме“, изјави Директорт на националнaта репрезентација, Петар Милошевски.

Репрезентативецот Никола Глигоров, новиот член на азербејџанскиот Хазар Ланкаран вели дека не смееме да се залетуваме, но ниту да ја преценуваме репрезетацијата на Шведска.

„Шведска е голем фаворит. Доколку на терен истрчаат во најсилен состав, а такви се најавите, ќе биде исклучително тешко. Ги респектираме, но и не смееме да ги преценуваме. Во нашата репрезентација има неколку нови фудбалери, недостасуваат неколкумина од стандардните, потребна е адаптација на новите услови, но се надевам дека сите кои ќе добијат шанса ќе ја искористат и ќе го дадат најдоброто од себе“, изјави Никола Глигоров.

Пресметката против 24. светска репрезентација според ранг листата на ФИФА ќе се одигра на арената „Сведбанк“. Новиот стадион на Малме е со капацитет од 25-ет илјади гледачи, а повеќе од 13-ет илјади навивачи веќе платија билет по цена од 30 евра да ја бодрат домашната репрезентација. Локалните навивачи со нетрпение го очекуваат настапот на Златан Ибрахимовиќ. Мега ѕвездата на ПСЖ е најавен во почетниот состав на Шведска. Славниот фудбалер чија кариера почна во родното Малме сеуште претставува златна кокошка за шведскиот клуб. Навивачите на Малме со гордост истакнуваат дека нивниот омилен клуб само од тренинг компензација и солидарен фонд има добиено повеќе од 10 милиони евра од трансферите на Ибрахимовиќ. Македонската репрезентација на пресметката на ултра модерната арена ќе има подршка од педесеттина наши навивачи кои живеат и работат во Шведска, меѓу нив и Гајур Садики, членот на генерацијата на Вардар која ги освои двата трофеи во првата сезона во македонската лига.