Претседателот Иванов ја прими алпинистката Илина Арсова која го освои Монт Еверест

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими алпинистката Илина Арсова – првата Македонка која го освои највисокиот врв на светот, Монт Еверест.

Од свое лично име и од име на сите граѓани на Република Македонија, претседателот Иванов упати срдечни честитки за исклучително храбриот подвиг.

„Големите спортски успеси, покрај спортистот лично, ги слави и целата татковина. Уверен сум дека овој значаен алпинистички потфат, ќе ги поттикне младите луѓе неуморно да вложуваат во себе и своите капацитети, и да се стремат кон остварување на своите цели. Во спортот, не постои несовладлива препрека и неостварлива цел, кога се работи посветено и со голем ентузијазам. За сите нас, не постои поголема гордост од моментите кога на големите меѓународни спортски натпреварувања, се развиорува македонското знаме, онака како што е развиорено и на највисокиот врв на светот“, порача претседателот Иванов.

Алпинистката Арсова истакна дека е особено почестена од континуираната поддршка од Претседателот на Република Македонија, која за неа претставува дополнителна мотивација за поголеми алпинистички потфати. Воедно, Арсова посочи дека и покрај долготрајните и исцрпни подготовки за кои е потребна голема психофизичка подготвеност, сепак радоста при освојувањето на планинските врвови е неизмерна.

Претседателот Иванов ги прими алпинистката Илина Арсова и нејзиниот сопруг, непосредно по нивното искачување на планинскиот врв Аконкагва. Воедно, македонскиот претседател изрази целосна поддршка на проектот „Прва македонска жена на Монт Еверест”, посакувајќи и многу среќа и успех на Илина Арсова и нејзината експедиција, непосредно пред заминувањето на Хималаите.

Македонскиот претседател и натаму ќе ја дава својата поддршка на младите луѓе, кои со своите подвизи претставуваат поттик за младите генерации кон постигнување успеси и меѓународно афирмирање на Република Македонија.