Средба на Иванов со заменик-помошникот, државен секретар на САД Рикер

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик-помошникот, државен секретар на Соединетите Американски Држави, г. Филип Рикер.

На средбата беа потврдени партнерските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.

Претседателот Иванов истакна дека главен приоритет на Република Македонија останува почеток на преговорите за членство во ЕУ и реализирање на поканата за членство во НАТО. Во тој контекст беа разменети мислења и информации околу актуелностите во разговорите за решавање на наметнатиот спор за името, како и за очекувањата од претстојниот Совет на Европската Унија.

Во насока на реализација на стратешките цели на Република Македонија – полноправно членство во НАТО и ЕУ,  беше констатирано дека двете земји ќе продолжат тесно да соработуваат. Заменик-помошникот, државен секретар на Соединетите Американски Држави го потврди официјалниот став дека САД силно ја поддржува евроатлантската интеграција на Република Македонија.

Воедно, заменик–помошникот, државен секретар ги поздрави заложбите и придонесот на претседателот Иванов во унапредување на меѓуетничките односи во Република Македонија преку поддршка на иницијативи и проекти, како што се „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ и „Спортски бонтон“, и го поздрави успехот на Школата за млади лидери, која под покровителство на претседателот Иванов се одржува четврта година по ред. Заеднички беше констатирано дека вистински начин земјата и регионот да одржат чекор и да се прилагодат кон новите трендови во сите области е токму преку инвестирање во младите луѓе и поттикнување на нивниот придонес во науката, претприемништвото и иновациите.

Соговорниците разменија мислења и околу состојбите во регионот, при што заедничка констатација е дека влезот на Хрватска во Европската Унија и постигнатиот договор Белград-Приштина, се двата најзначајни настани во изминатиов период, кои позитивно ќе се одразат на стабилноста во регионот и на евроинтеграциските процеси на земјите од Балканот.