16 медали на македонските кик-боксери

Директорот на Агенцијата за млади и спорт ги прими денес македонските кик-боксери кои постигнаа огромен успех на Балканскиот куп кој се одржа изминатиот викенд во босанскиот град Тешањ од каде се вратија со 16 медали. Македонската делегација броеше 19 натпреварувачи кои освоија пет златни, шест сребрени и пет бронзени медали.

Директорот Пујовски им го честиташе големиот успех на кик-боксерите и истовремено ја искористи оваа прилика да упати искрени честитки и до раководството до национална спортска федерација и, секако, за стручниот тим, за придонесот кој тие го дадоа во насока на остварување на овие резултати.

На претходно одржаната прес-конференција претставниците на кик-бокс федерацијата истакнаа дека Македонија освои и два пехара за најдобри борци во конкуренцијата на сениорки и тоа Кристина Стојчевска и сениори Димитар Георгиев во дисциплината кик-лајт со што уште еднаш се докажува квалитетот на Македонските репрезентативци.

„Бевме присутни со 19 борци, а тие борци освоија 16 медали, од кои што некои учесници на Балканскиот куп освоија по две медали бидејќи имаа право да учествуваат и во лесните и во тешките дисциплини. Освоивме пет златни, шест сребрени и пет бронзени медали, како и два пехари на кои што сме навистина многу горди и кои се добиени за најдобар сениор и сениорка во кик-лајт дисциплината“, изјави претседателката на Кик боксинг федерацијата на Македонија Александра Неделковска.

„Ние сме традиционално присутни неколку години на овој Балкански куп и редовно се враќаме со медали, но овој пат освоивме најмногу. Се разбира претходно низ државното изборно првенство беа селектирани борците кои настапија таму. Деветнаесет борци, шеснаесет медали, формата беше темпирана на вистинско ниво и точно предвидовме во кои борби и со кои борци може да освоиме медали. Ете, Димитар Ѓеоргиев за еден ден имаше пет борби, што не е мала работа и самото тоа докажува дека момците беа подготвени и дека медалите се заслужени“, изјави тренерот Александар Стојковски.

Како во изминатиот период, така и во иднина на меѓународни големи натпреварувања ќе патуваат само најдобрите и најподготвените борци од Македонија.

„Јас пред извесно време кажав дека кик-боксот во Македонија оди нагло напред. Според оваа работа системска во последните две три години, системот на селектирање, на тренинзите и системот по кој се водат подготовките, очекувавме вакви резултати, но ова е можеби побрзо од нашите очекувања. На меѓународни натпревари ќе одат само најдобрите, само тие што ќе се докажат и покажат. Секој има право на кикс, ова е спорт, но ќе гледаме да одат оние кои што помалку киксираат“, изјави селекторот на лесните дисциплини Димче Кичевски.

Инаку на Балкан опен куп настапија 470 натпреварувачи, од 12 земји и вкупно 81 кик-бокс клубови.

Претседателката Александра Неделковска присуствуваше на редовниот состанокот на Балканската кик-бокс федерација каде беа донесени низа заклучоци со цел влез на кик- боксот во семејството на Олимписките игри, како и актуелните збиднувања во WAKO светската федерација. 

ЗЛАТНИ МЕДАЛИ:

1. Кристина Стојчевска -55кг кик лајт

2. Димитар Ѓоргиев -81кг кик лајт

3. Вељан Георгиевски -94кг кик лајт

4. Боби Коцев -81кг фул контакт

5. Далибор Огненов -75кг лоу кик

СРЕБРЕНИ МЕДАЛИ:

1. Александар Митовски -84кг кик лајт

2. Ненад Манојловски -67кг лоу кик

3. Ненад Манојловски -67кг кик лајт

4. Димитар Ѓоргиев -81кг лоу кик

5. Кристина Стојчевска -55кг лоу кик

6. Стефка Јанковска -65кг кик лајт

БРОНЗЕНИ МЕДАЛИ:

1. Мартин Јованов -63кг лајт контакт

2. Драган Игњатoвски -74кг кик лајт

3. Јане Велковски -86кг лоу кик

4. Стефка Јанковска -65кг кик лајт

5. Ѓоре Стојанов -71кг лоу кик