Македонија регионален лидер во борбата против трговијата со луѓе

Република Македонија според најновиот извештај на Стејт Департментот е рангирана во групата држави кои што целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе. По овој повод денеска заедничка прес конференција одржаа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и заменик амбасадорот на САД во Р. Македонија, Брајан Агелер.

„Рангирањето на Република Македонија во најновиот Извештај на Стејт департментот за 2012 година  во групата ТИЕР-1 држави претставува уште едно значајно постигнување за земјата и уште една јасна потврда за нашиот континуиран ангажман и посветеност во справувањето со овој облик на организиран криминал. Особено голема статисфакција за нас е фактот што во Извештајот прецизно се нотира дека Владата го одржува своето енергично гонење за прекршителите кои работат со трговија со луѓе вклучително и јавни службеници  поврзани со трговијата со луѓе“, рече Јанкуловска.

Таа притоа посочи дека минатата година кривично се пријавени и осудени и службени лица од министерствата за внатрешни работи и за правда за кривични дела поврзани со трговијата со луѓе.

Таа истакна дека Република Македонија заедно со Словенија се единствените земји во ТИЕР 1 групата од поширокиот балкански регион, односно единствена држава од земјите кандидати за членство која еве со години по ред е рангирана рамо до рамо со најразвиените западни држави.

„За разлика од нас, земји кои се членки на ЕУ како Романија, Грција и Бугарија се рангирани во втората група на држави односно ТИЕР 2 земји кои нецелосно ги исполнуваат минималните стандарди во борбата против трговијата со луѓе“, рече Јанкуловска.

Министерката посочи дека воопшто не е случајна и незаслужена оценката на Стејт департментот за ефективноста и ефикасноста во борбата против трговијата со луѓе.

„Македонската полиција минатата година евидентираше четири кривични дела, трговија со луѓе при што кривично се пријавени седум случаи, а во еден од нив жртва е и малолетно лице. На сите идентификувани жртви им е пружена и правна здравствена и психосоцијална помош“, рече министерката за внатрешни работи.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов посочи дека согласно межународните и европските стандарди Министерството за труд и социјална политика како едно од надлежните министерства воспостави целосна законска и институционална рамка за превенција и заштита на жртвите на трговија со луѓе и нивна соодветна ресоцијализација и реинтеграција.

„Земајќи ја во предвид потребата од усогласеноста и координативен приод Министерството за труд и социјална политика воспостави механизам на управување, помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе, прв од ваков тип во Регионот и во континуиотет ги гради капацитетите на професионалците вклучени во националаниот механизам за управување и Центарот за лица жртви на трговија со луѓе“, рече Спасов.

Заменик амбасадорот Агелер и честита на Македонија што уште еднаш го постигна статусот од прв степен против трговијата со луѓе.

„Ова достигнување ги покажува заложбите на Владата на Македонија против овој ужасен криминал. САД се среќни што Македонија е партнер во кампањата за спречување на трговијата со луѓе и се надева на натамошна соработка и за други прашања од витално значење за владеење на правото“, рече Агелер.

Според него Република Македонија покажала дека има капацитет да го почитува правото во борбата против трговијата со луѓе.

Тој потенцира дека од клучно значење за ефективна борба против трговијата со луѓе била соработката и координацијата на МВР со Министерството за труд и социјална политика, како и нивната соработка со невладиниот сектор.

Според проценките 20 милиони луѓе годишно се жртви на трговија со луѓе. Македонија и во овој најнов Извештај е препознаена како земја извор, транзит и дестинација на деца, жени и мажи кои се жртви на трговија заради сексуално искористување или присилна работа.

Инаку, Македонија во извештајот на Стејт Департментот е дел од групата ТИЕР- 1, заедно со 31 друга земја. Покрај Македонија, во оваа група се наоѓаат и САД, Велика Британија, Австралија, Австрија, Финска, Франција, Германија од вкупно 187 држави во светот.