Правото на дијализа во странство на товар на фондот

Фондот за здравствено осигурување на Македонија им излезе во пресрет на осигурените лица со бубрежни заболувања и во својата правна регулатива го воведе правото на дијализа во странство на товар на фондот, беше истакнато на заедничка прес конференција на ФЗОМ и на здружението на граѓани на бубрежно болни НЕФРОН. Хроничната бубрежна инсуфициенција е заболување од посебен интерес за Република Македонија за кое е неопходно потребен континуиран хемодијализен третман.

Осигурените лица кои привремено престојуваат во странство, на товар на Фондот еднаш во годината и тоа не подолго од 30 дена, можат да користат дијализа во странска здравствена установа.

Платените здравствени услуги, Фондот ги признава во висина на утврдената референтна цена за дијализа (во износ од 4.855,00 денари), намалени за висината на пропишаното учество, врз основа на поднесено барање од осигуреното лице, информираше директорот Џемали Мехази.