Владата го услови увозот на пченица и брашно

Владата на Република Македонија донесе Одлука за воведување на мерката за заштита на пазарот на пченица и брашно, со врзување на количините на увоз на пченица и брашно со откуп на пченица произведена во Република Македонија.

Мерката се воведува во согласност со одредбите од Законот за земјоделство и рурален развој (Член 46, став 4) за заштита на пазарот на меркантилна пченица и брашно од пченица и превенирање на  опасност од сериозни нарушувања на пазарот со овие производи кои можат да ги загрозат целите на националната земјоделска политика.

Мерката треба да овозможи постигнување на редовниот пазарен еквиблириум помеѓу понудата, односно очекуваното производство и количините увезена пченица и брашно од една, и вкупната побарувачка на пченица од друга страна. Како резултат од воведување на мерката се очекува непречено одвивање на откупот на основниот прехрамбен производ за населението на Република Македонија, пченицата од овогодинешната реколта.

Согласно одлуката, увозот на меркантилна пченица се поврзува со извршен откуп на пченица од род 2013 година од домашното производство со право на увоз на 1 килограм на 3 килограми извршен откуп. Увозот на брашно од пченица се поврзува со извршен откуп на пченица од род 2013 година од домашното производство со право на увоз на 1 килограм брашно на 4 килограми извршен откуп на пченица.

Почеток на важење на мерката е од датумот на излегување на Одлуката во Службен весник на Република Македонија, а истата ќе се применува до 31 декември 2013 година.