УКИМ креира политика за заштита на интелектуалната сопственост

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вчера ја организираше првата од неколку планирани работилници на кои ќе биде изградена политика за поттикнување и заштита на интелектуалната сопственост. Потребата се наметнува од рапидниот развој на техничките и технолошките иновации заедно протокот на информации.

Оваа област ќе се регулира со усогласување со актите на ЕУ и со донесениот Закон за иновации, за да се утврдат јасни правила како ќе се штитат правата и интелектуалната сопственост на делата кои се издаваат на УКИМ и како со нив ќе се управува. Според ректорот Велимир Стојковски,  на УКИМ не е докрај заштитена интелектуалната сопственост на професорите кои пишуваат учебници.

„На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како еден од поголемите универзитети во регионот, во моментов се работат 64 научно-истражувачки проекти, финансирани од меѓународни фондови, од Министерството за образование и наука и од други фондации. Честопати како производ на овие истражувања се одредени иновации или патенти. Богата е и издавачката дејност на УКИМ, само во изминатите години се објавени над 100 учебници и учебни помагала. Затоа се нематна потреба за ваква работилница, со присуство на тие што ги даваат средствата и тие што истражуваат, за да се регулираат меѓусебните односи и да се регулира понатаму што, колку и кому му припаѓа од целиот процес на истражување и публицирање на Скопскиот универзитет“, рече Стојковски.

На работилницата присуствуваше и министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој во обраќањето подвлече дека Владата е фокусирана на поттикнување на иновациите и мотивирање на истражувачите.

„Донесен е закон со кој ќе се поттикнат иновациите и иноваторството, се реализираат низа програми  за поттикнување на претприемништвото, творештвото и технолошкиот развој, а се креираат и имплементираат стратегии за унапредување на состојбите во овие области. Сето тоа е во насока на зголемување на свеста за значењето на правото на интелектуална сопственост, особено во услови на се позасилено потенцирање на развојот на економијата заснована на знаење“, истакна Ристовски.

Оригиналноста и авторскиот труд се штитат и со други проекти кои неодамна ги воведе МОН.

Работилницата беше организирана во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“. Неговиот декан Борче Давитковски истакна дека авторско право и пронајдувачко право на Правниот факултет како предмет постои уште од почетокот на 1990-тите години. Правото на интелектуална сопственост се изучува како посебна програма, а од пред две  години е акредитирана и за докторски  студии. Истакна дека заштитата на интелектуалната сопственост е предизвик за правниците и  ќе биде посебно поглавје кога  Македонија ќе ги почне преговорите со Европската унија.

„Европа особено ќе инсистира ова поглавје да биде коректно затворено, односно да покажеме капацитет дека сме способни да го цениме и туѓиот ум исто како што сакаме да ги заштитиме и нашите права од интелектуална сопственост“, рече Давитковски, додавајќи дека со  уредување на оваа област академската заедница ќе се поттикне и натаму да твори и истражува.

Директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули ја поздрави иницијативата на УКИМ и очекува резултатите да ги поттикнат и   другите универзитети во Македонија да креираат соодветни политики.

„Следењето на регионалните и европските трендови за креирање пазари и отворање нови работни места засновани на производи и технологии развиени на научните и истражувачките катедри  на факултетите, кои работат на проекти со апликативна вредност, ја позиционираат Македонија во семејството европски држави кои својата економија ја засноваат на знаење. Во тој процес е неминовно престројување на фундаменталните вредности на универзитетите кон барањата на денешнината. Државниот завод за индустриска сопственост е подготвен да биде активен партнер на универзитетите кои се спремни да го отпочнат овој процес“, истакна Емрули.