Анкета на ИПИС: Расте рејтингот на претседателот Иванов

Резултатите од последното истражување на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) за ставовите на граѓаните за активностите и работењето на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, покажуваат дека позитивното мислење на граѓаните за претседателот Иванов континуирано се зголемува, додека бројот на граѓаните со негативно мислење бележи тренд на опаѓање.

Во најновата анкета на ИПИС, 59.1% од испитаниците се изјасниле дека имаат позитивно мислење за македонскиот претседател, што значи пораст од речиси 5% во споредба со март 2012, 10% во споредба со мај 2011, односно 14% повисок во споредба со 2010 година.

Додека во 2010 година, 44% од анкетираните граѓани имале негативно мислење за шефот на државата, во 2013 бројката е речиси двојно помала, односно 23.8% од испитаниците се изјасниле негативно во однос на нивното мислење за претседателот Иванов, што е за околу 7% помалку во споредба со март 2012, кога истата изнесуваше 30.6 отсто.

Македонските граѓани и натаму најмногу ја ценат чесноста на македонскиот претседател, покажуваат резултатите од испитувањето на ИПИС. На прашањето – дали сметате дека претседателот чесно ја извршува својата работа, 73.6 % од испитаниците одговориле позитивно, додека 14.3% негативно. Споредбено со март 2012, бројот на испитаници кои сметаат дека Претседателот е чесен во извршувањето на функцијата е за речиси 2% поголем, додека пак, бројот на анкетираните со негативно мислење е за 4% помал.

Во однос на прашањето за името, политиката и работата на Претседателот, позитивно ја оценуваат 59.8 отсто од анкетираните, наспроти 27.4 отсто кои имаат негативна оценка за дејствувањето на претседателот Иванов во однос на ова прашање.

На прашањето – како ја оценувате политиката и работата на Претседателот во однос на надворешната политика, 56.2 % дале позитивен одговор. Со негативни оценки за политиката и работата на Претседателот во однос на надворешната политика се изјасниле 30 % од испитаниците.

Над половина од анкетираните граѓани се изјасниле дека претседателот ги исполнил нивните очекувања во досегашниот мандат. 50.4 % од анкетираните одговориле потврдно, наспроти 39.9 % кои сметаат дека Претседателот не ги исполнил очекувањата.

Телефонската анкета е спроведена во периодот помеѓу 14 и 17 јуни јуни 2013 година на примерок од 1.119 испитаници, како дел од редовните мерења на ставовите на граѓаните во однос на нивната доверба и перцепции за работата и активностите на Претседателот на Република Македонија.